александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Егзекуција на заборавот

Нашата задача како поединци, но и задача на сите македонски државни институции, е да се спротивставиме на ваквите националношовинистички атаци преку егзекуција на заборавот за македонските културно-национални величини како Мисирков, Вапцаров, Коста Веселинов, Антон Попов, Славко Јаневски, Рацин, Шопов, Конески…

Што може да кажеме во своја одбрана пред Софија, Белград и Атина, кои нас нè одрекуваат? И тоа цивилизациско злодејствие го правеле – отсекогаш. Самиот факт дека сме се појавиле на овој простор и дека не исчезнавме, еден е од доказите за нашата вина. Дури, веројатно, тоа е најголемата наша, македонска, вина. Дефинитивно, ние сме виновни што во центарот на Балканот се појавила една македонска нација и држава, наспроти желбите и аспирациите запишани во големодржавните планови на трите балкански монархии.

Дали постоењето на македонската национално-ослободителна борба, со сите свои илузии и национални поревања во илинденскиот и поилинденскиот период, е некаков доказ за нашиот виталитет? Дали е доказ нашата успешна антифашистичка борба? Дали се доказ сите културно-национални достигнувања за време на осумдесетгодишното егзистирање на македонската национална држава? Не е, ако се прашуваат „болните глави“ во Софија, Белград и во Атина и нивните врховисти распослани како крлежи низ сета Македонија. Таа македонска борба, за нив, во најдобар случај, е само дел од нивната „борба“ за „обединување“. По нив, наводното непостоење на автентична и автохтона македонска национално-ослободителна борба, значи дека не постојат ниту Македонци.

Во минатото, ваквото антимакедонско, агресивно-милитаристичко, дејствување од страна на разните балкански националистички лудаци ја завиткаа Македонија во црно. Секако, заедно со нив, и она на македонските врховисти, кои се ставиле во платена служба на некои од кралските дворци, оние како Цончев и Матов, Бабунски и Коте, Александров и Михајлов… На сите нив трагите им смрдат на македонски лешеви, им мирисаат на терор за остварување на туѓите идеали, на реа на нечовештина и антимакедонштина, на предавства и уништувања на сè национално македонско. Фрапира фактот дека во Македонија денес, сè повеќе, има јавни будали и неморални „интелектуалци“ кои ги негираат, затскриваат, ги правдаат, па дури и ги величаат злосторствата на балканските главосечачи и на македонските врховисти и фашисти. Тие упорно ја негуваат надежта дека криците на испотепаните македонски дејци по улиците и занданите на Белград, Софија и Солун, ќе се загубат низ времето, дека ќе успеат на сите да им наметнат едно ново и „разубавено“ лоботомирано сеќавање, во кое злосторниците се херои, антимакедонците се македонски патриоти, окупаторите се ослободители, а ослободителите и македонските државотворци идеологизирани крвници.

Дека Македонците не се Македонци туку Бугари, Срби или Грци е стара парола во служба на големодржавните политики на балканските центри, но тоа е парола која неуморно папагалски се преповторува и денес. Да се еманципираш од таа националшовинистичка теза, да го чувствуваш својот македонски литературен јазик за рамноправен на јазиците на соседите и на сите останати светски јазици, значеше и значи да се чувствуваш како одделен национален, политички и културен субјект. Но, тоа значеше и значи дека треба да живееш под постојаните денунцијации од врховизмите за наводно „предавство“ и „комунистичко кривоверство и идолопоклонство“. Сето тоа пак, многу често, значеше и значи да си на удар од инквизицијата на силната антимакедонска пропаганда што сурово, веќе со децении, деградира и демонизира.

Да им се споменат на овие македонски негатори и фалсификатори, сите буни и востанија, сите македонски национално-ослободителни дејци од Пулески до Конески и од Иљо Малешевски до Кузман Јосифовски, е јалова работа. А, и покрај таа јаловост, многумина македонисти, во разни пригоди, тоа го направиле веќе безбројно пати. И со јавен, и со пишан збор. Фактички, и денешното грубо и безобразно негирање на македонската борба како македонска национално-ослободителна борба, денешното оцрнување на вистинските македонски борци како „комунисти“ и „туѓи платеници“, ни зборува дека антимакедонските центри на Балканот и нивните врховистички агенти во самата Македонија, не се откажале од своите илузии дека еден ден ќе ја освојат македонската територија и ќе ги уништат македонските луѓе.

Нашата задача како поединци, но и задача на сите македонски државни институции, е да се спротивставиме на ваквите националношовинистички атаци преку егзекуција на заборавот за македонските културно-национални величини како Мисирков, Вапцаров, Коста Веселинов, Антон Попов, Славко Јаневски, Рацин, Шопов, Конески…, да се спротивставиме со помнење и чествување на сите оние кои сопствената жртвата ја возвишија до недвојбен израз на нашиот национален подвиг, со работа врз откривање на сите драматични елементи на македонската долготрајна и крвава борба за национален опстанок. Тоа, секако, е необично сложена задача, која претпоставува долготрајни научно-методолошки напори околу собирањето на, сè уште, слабо познатиот материјал од нашето македонско минато, особено за нашата културно-национална историја. Уште повеќе, нашата задача е да се спротивставиме на антимакедонските културни, политички и национални тенденции преку развивање високо ниво на сите капацитети на македонската држава и поддршка и фаворизирање на сите оние кои недвојбено се чувствуваат како Македонци и имаат знаење и способност, насекаде и секогаш, да го афирмираат македонскиот национален идентитет.

(Aвторот е професор)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот