Фото: Силвија Митевска

Едни против други

Европскиот младински олимписки фестивал требаше да биде национална гордост. Да се слави низ медиумите. Да ги инспирира младите. Наместо тоа, повторно излезе дека најголемиот непријател сме самите себеси.

Со повеќе од 30 години традиција, Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) е најголемиот мултиспортски настан за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години. По Марибор 2023, чест и привилегија беше што Македонија, за првпат во својата историја, доби можност да биде домаќин на еден ваков престижен настан. И не само што беше организиран, туку EYOF 2025 стана најголемиот спортски настан што некогаш се одржал во земјава: со над 4.000 спортисти, најголем број спортови и со натпревари што се одвиваа паралелно во два, односно три града.

Она што е важно да се нагласи е дека Македонија ја доби оваа кандидатура не благодарение на својата спортска репутација, туку како резултат на сериозен дипломатски напор, добри односи и посветено лобирање од Македонскиот олимписки комитет пред Европскиот олимписки комитет.

Но, она што сакам да го истакнам во оваа колумна не се само бројките и фактите. Сакам да проговорам за невидливиот труд и резултатите што кај нас, како што често знае да се случи, останаа незабележани или беа ставени во сенка од сензационалистички и негативни наративи.

Организациска подготвеност во сложени услови

Веќе две години, Организацискиот комитет работи на подготовка на фестивалот, низ многубројни оддели, тимови и предизвици. Во организацијата беа вклучени над петнаесет клучни оддели: логистика, сместување, транспорт, спортски терени, медицински и антидопинг служби, акредитации, безбедност, медиуми, волонтери, маркетинг и други. Ова беше еден од најсложените спортски настани некогаш организирани во Македонија. Дополнително, да се организира ваков настан во држава со ограничени ресурси, недоволна институционална поддршка и во клима каде што нема елементарна соработка меѓу главните чинители во спортот (МОК и Министерство за спорт), е речиси невозможна мисија. А сепак, беше успешно реализирана.

Спортистите – во центарот на вниманието

Церемонијата на отворање беше прогласена за една од најдобро организираните досега. Она што ја направи посебна беше што, за првпат, спортистите не беа само декор. Наместо да дефилираат и да заминат, тие имаа можност да ја следат целата церемонија како публика, нешто што беше посебно поздравено од делегациите.

Дигитална промоција кон Европа

Социјалните мрежи на настанот беа исто така многу успешни. Профилот Skopje2025, преземен од EYOF Марибор со околу 6.000 следбеници, во само неколку недели достигна над 20.000 следбеници и 15,5 милиони прегледи – што ја потврдува европската видливост и интересот за настанот.

Спортските натпревари беа без ниту еден прекин

Сите натпревари беа реализирани според распоред, на спортски објекти претходно верификувани од техничките делегати. Ниту еден натпревар не беше одложен, нешто што не е секогаш случај, дури ни во држави со многу поголеми капацитети.

Волонтерството оживеа преку EМОФ 2025

Во сржта на EYOF 2025 беа и волонтерите. Волонтерството, кое сè уште не е доволно популарно и развиено кај нас, преку овој фестивал доби нов живот. Од вкупно 1.300 апликации, дури 400 волонтери дојдоа од странство, додека другите беа македонски државјани. Имаше млади, но и повозрасни лица, од ученици до пензионери, кои со огромен ентузијазам волонтираа на сите локации. За многумина од нив, ова беше прво искуство со спортски настани од ваков ранг, што не само што им понуди нови познанства и практични вештини, туку и инспирација самите да се вклучат во спортот. EYOF 2025 на овој начин не само што промовираше спорт, туку и ја разбуди идејата за активна граѓанска вклученост преку волонтерството.

Колку сме подготвени да го препознаеме успехот?

Да, имаше и пропусти. Да, можеше и подобро. Но колку земји со нула искуство, со скромни ресурси и слаба институционална координација, би успеале вака да се справат?

Ако разговарате со кој било спортист што учествувал на претходни олимписки младински фестивали, ќе ви го потврди истото. Во Бањска Бистрица, на пример, сместувањето во студентски домови беше стандард, се делеа соби со неколку кревети, со заеднички тоалет, без клима, со само еден приклучок за струја. Првиот ден, транспортот бил толку хаотичен што многу делегации користеле јавен превоз. Слични предизвици се јавуваат насекаде во Европа, при организација на настани од ваков обем.

А каде беше фокусот на јавноста? За жал, сензационализмот и лошиот публицитет ги засенија убавите моменти. Никој не зборуваше за рекордите што се поставија, за вечерните забави во студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде што младите спортисти создадоа спомени за цел живот. Малку се знае дека Министерството за култура ги отвори музеите специјално за EYOF, и секој со акредитација имаше бесплатен влез. Речиси незабележано помина и стартап-изложбата во Олимпиското село, каде што млади иноватори претставија спортски производи пред европската спортска јавност.

EМОФ не е само фестивал, туку и голема лекција

EМОФ 2025 не беше совршен. Секако, има простор за подобрување и организациски, и логистички. Но наместо да го мериме со аршини на беспрекорност, треба да го препознаеме како храбар чекор напред. Некои критики беа оправдани, но многу повеќе беа резултат на наша неспособност да препознаеме вредност ако таа не е политички обоена или сензационално сервирана. Во држава што ретко добива можност за ваков тип меѓународна експонираност, овој фестивал е повеќе од спортски настан. Колку често една мала земја добива можност да ги пречека сите знамиња на Европа на своја почва?

Овој фестивал требаше да биде национална гордост. Да се слави низ медиумите. Да ги инспирира младите. Наместо тоа, најголемиот непријател повторно излеговме дека сме самите себеси.

(Авторката е експертка по спортска дипломатија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот