Цени во маркети / Фото: Dmitriy Shironosov / Alamy / Profimedia

Еден од дваесет потрошувачи ѕирнал еднаш, за вторпат не ни размислува- онлајн не се бараат поевтини цени

„Слободен печат“ се обиде да ја открие посетеноста на трговските веб-страници, но безуспешно, првенствено бидејќи тој податок не е предвиден кога се креирале ваквите информативни табели. И ако на почетокот граѓаните беа љубопитни, сега сите велат дека се збунети од морето податоци и немаат капацитет секојдневно да пребаруваат повеќе веб-страници на различни маркети

Целосна утка се дневните јавни објави на сите цени во сите дуќани на еден трговски синџир. „Слободен печат“ се обиде да ја открие посетеноста на трговските веб-страници, но безуспешно, првенствено бидејќи тој податок не е предвиден кога се креирале ваквите информативни табели. По повеќе од еден месец (стартот беше на 18 април) откако трговците беа законски обврзани да ги информираат граѓаните на овој начин, според анкетата што ја направивме на терен, јасно е дека само еден од дваесет потрошувачи, барем еднаш се информирал каде има поевтини цени.

И ако на почетокот биле љубопитни, сега сите велат дека се збунети од морето податоци и немаат капацитет секојдневно да пребаруваат на повеќе онлајн списоци од различни маркети за да ги најдат потребните производи. Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) досега нема добиено конкретни поплаки од граѓаните во врска со онлајн цените објавени од маркетите, но оттаму сметаат дека постои потреба од подобрување на нивната прегледност и препознатливост на производите. Заменик-министерот за економија Марјан Ристески најави дека по еден месец од имплементацијата ќе се сублимираат искуствата и можеби ќе се оди на креирање општа веб-страница или збирна информација за цените.

– Седнав еднаш и се изгубив. Кој има време да талка по сите веб-страници на трговците. Заморно е и одзема многу време. И помладите се откажуваат кога ќе го видат принципот на објави, а може само да се замисли како во ова море од цени се снаоѓаат постарите граѓани – велат дел од граѓаните.

Маријана Лончар-Велкова, претседателка на ОПМ, уште на почетокот на оваа обврска, рече дека е потребна компаративна алатка, која со помош на вештачката интелигенција би можела побрзо да се развие и која ќе овозможи унифициран и прегледен приказ на цените по групи и видови производи. Таа изрази жалење што многу добри идеи во земјава не се доразвиваат.
Граѓаните се едногласни дека овие информации воопшто не придонеле за да се намали трендот на поскапувања, а не гледаат ни некои особени промени во досегашното правило „една цена на каса, друга на рафт“. Од 19 до 25 мај, пазарните инспектори извршиле 457 надзори во целата земја, а според Законот за заштита на потрошувачите, кој ја пропиша јавната обврска, на цените биле извршени 35 надзори, но не биле издадени прекршочни платни налози.

– Граѓаните ќе можат да одберат каде ќе ги трошат своите пари, бидејќи не е нормално да имаме цени во маркети што се највисоки на балканско ниво, цени повисоки отколку што имаат членки на ЕУ. Сигурни сме дека во наредниот период ќе има намалување на цените што ќе биде прифатливо и за македонските граѓани – нагласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, кој беше еден од предлагачите на новото законско решение.

Абер нема од новата просечна кошничка

Сè уште нема абер од новата просечна потрошувачка кошничка, иако таа беше најавена на сите ѕвона уште пред три месеци. Заменик-министерот за економија Марјан Ристески во средината на април информираше дека нејзината изработка е при крај и дека ќе биде доставена до Економско-социјалниот совет. Од она што се знае досега е дека во кошничката нема да има цигари, алкохол, одмор во странство и други ставки што се сметаат за луксуз.

– Податоците од кошничката ќе се користат исклучиво за креирање квалитетни економски политики за заштита на животниот стандард, а не за креирање јавно мислење – рече Ристески. Тој нагласи дека ќе бидат користени цени од повеќе маркети и различни делови на земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот