Фото: ДЗР

ДЗР: Системот за интегрирано планирање на ресурсите што го користи голем дел од јавниот сектор е без соодветна заштита на податоците

Недостиг на безбедносни политики, користење на застарени оперативни системи и на заеднички лозинки и без двојна потврда, како и неажурирани резервни копии, се дел од слабостите на системот за интегрирано планирање на ресурсите што ги утврдиле ревизорите.

Системот за интегрирано планирање на ресурсите го употребува Службата за општи и заеднички работи на Владата за извршување на сметководствено-финансиските услуги за повеќе државни институции.

Иако, ИПР системот е имплементиран во 2016 година, како што се наведува во ревизорскиот извештај од Државниот завод за ревизија (ДЗР), сè уште отсуствува правен акт кој ги регулира правата и обврските на Министерството како сопственик и на Службата како корисник на системот што, според ревизорите, создава ризик од несоодветно управување со податоците.

Поради несоодветно планирање и ненавремено спроведување на постапките за одржување на системот, во периодот од 522 дена не бил склучен договор за регулирање на правата и обврските за негово одржување. Ваквата состојба влијае на безбедноста, достапноста и точноста на податоците, како и на тешкотии во изготвувањето на финансиските извештаи за соодветните известувачки периоди. Во периодот на одржување не се преземени активности за редовна проверка на резервната копија (бекап) на податоците, а со тоа се зголемува ризикот од поврат на податоците, наведуваат ревизорите.

Во Службата за општи и заеднички работи, како што се посочува во ревизорскиот извештај, недостигаат стратешки документи кои ги дефинираат насоките за развој, одржување и надградба на информатичките системи, како и политики и процедури за управување со податоци што, според ревизорите, може да доведе до неефикасно управување и до ранливост од безбедносни закани.

Ревизорите утврдиле и повторување на исти надградени активности и надградби што не се засноваат на потребите и не ги опфаќаат сите корисници, недостиг од поврзување со Централниот регистар преку интероперабилност, како и високи трошоци и забавување на процесите поради недостиг на интеграција.

На навременото и ефикасно извршување на задачите, според ревизорите влијае и недостигот на човечки ресурси поради постојаниот одлив по основ пензионирање и недостигот на вработени со соодветни знаења.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот