ДЗР: Постои ризик од исплата на лица кои воопшто не биле присутни и не ги извршувале работните обврски во ФЗО

По извршениот увид во работењето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) државните ревизори предупредуваат дека постои ризик од исплата на парични средства на лица кои воопшто не биле присутни на работните места и не ги извршуваат договорените работни обврски. Во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) се потенцира и дека нивото на квалитет и одговорност за извршените работни задачи во Фондот е доведен во прашање поради несоодветно разграничување на дел од одговорностите кај поедини вработени.

– Наведената состојба не е во согласност со Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, Статутот и актите за внатрешна организација и систематизација на работните места на Фондот и доведува до несоодветно разграничување на дел од одговорностите кај поедини вработени и ризик од несоодветно реализирање на активностите на секторите, особено што лицата ангажирани со договор на дело (определено време) се поставени на одговорни и специфични работни места без спроведена транспарентна постапка за исполнетост на условите и квалификациите предвидени за редовно вработените, што може да влијае на нивото на квалитет и одговорност за извршените работни задачи – се вели во извештајот.

Со ревизијата на интерните акти кои го уредуваат начинот на организација и систематизација на работни места, како и начинот на вработување и ангажирање надворешни лица, ревизијата ги констатира дека, поради непополнетост на систематизираните работни места, не е воспоставена целосна поделба на надлежностите и одговорностите, предвидена со член 14 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола. Во Централната служба на Фондот не се назначени директори на шест сектори и раководители на повеќе одделенија и оддели. Исто така, во 2021 година Фондот го напуштиле 20 вработени поради што недостигот на вработени во континуитет се зголемува.

– Оваа состојба делумно се надминува со давање овластувања, со вработување на определено работно време и со ангажирање надворешни лица. До периодот на вршење на ревизијата назначени се директори на два сектори и вработени се 35 лица со што состојбата делумно е надмината. Секторот за ортопедски помагала и специфични здравствени услуги, составен од две одделенија со предвидени 25 работни места во 2021 година функционира со еден вработен на определено време, без да биде назначен раководител на секторот ниту има овластено лице за вршење на овие работи и задачи. Врз основа на обезбедена согласност од Министерството за финансии, согласно член 9 од Законот за трансформација во редовен работен однос, во текот на 2021 година ангажирани се 65 лицa за извршување на работни задачи за кои не се пропишани критериуми за утврдување на висината на паричниот надомест, кој се движи од 18 до 49 илјади денари месечно и за истите не се следи присутноста на работните места. Поради тоа постои ризик од исплата на парични средства на лица кои воопшто не биле присутни на работните места и не ги извршуваат договорените работни обврски во Фондот – предупредуваат ревизорите.

Согласно Правилниците за организација и систематизација на работните места, работата на Фондот се организира во Централна служба со десет сектори и 30 подрачни служби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот