
ДЗР: Македонија неподготвена ги дочекува климатските промени
Повеќе од пет години се чека на Министерството за животна средина да го изготви Законот за климатска акција, а во меѓувреме државните институциите не си испраќаат меѓусебно релевантни податоци преку кои државата ќе може да управува со климатските промени – се посочува во ревизорскиот извештај на ДЗР, објавен денеска.
Препорачано
За овој петгодишен период, државата нема ни податоци за емисиите на стакленички гасови, бидејќи Националниот инвентар не е ажуриран откако е воспоставен, се укажува во ревизорскиот извештај.
„Иако Македонија го ратификувано Парискиот договор со што тој станал дел од внатрешниот правен поредок, со недонесување на Законот за климатска акција државата ги нема транспонирано европските директиви за климатското дејствување во националното законодавство. Постои неусогласеност, особено во однос на спроведувањето на механизмот за мониторинг и известување за емисиите на стакленички гасови“, пишува во извештајот на ревизорите.
Од Министерството за животна средина упатиле забелешки до ДЗР дека носењето на новиот закон и контрола на емисиите на стакленичките гасови не била единствено нивна задача, односно ингеренциите биле и кај Владата.
Интензивирање на активностите за донесување на Законот за климатска акција не е во единствена ингеренција на министерството, предлагаме препораката да се пренесе на Владата на РСМ. Усвојување на препораките (од ДЗР) не зависи исклучиво од министерството, односно станува збор за различни сектори со потенцијал за намалување на емисиите на сакленички гасови.
И без нов Закон за климатска акција, во државата согласно постоечките правни акти, треба да има активни тела кои би ги координирале активностите поврзани со климатските промени. Сепак, главниот ревизор констатирал дека за цели 4 години, Националниот комитет за климатски промени ниту заседавал ниту има преземено некакви други активности со цел контролирање на активностите за ублажување на климатските промени.
Поради вакви системски аномалии, невозможно е да се направи проценка дали сме блиску до целта на која сме се обврзале – намалување на стакленичките гасови за 82% до 2030 година согласно Стратегијата за климатска акција, заклучуваат државните ревизори.