
Џвакањето „мастики“ ослободува микропластика во плунката, открива новото истражување
Микрочестичките од пластика веќе се откриени во воздухот, водата, храната, амбалажата, синтетичкиот текстил и козметиката. Секој ден луѓето ги голтаат, вдишуваат или доаѓаат во контакт со нив преку кожата.
Препорачано
Од белите дробови преку бубрезите до мозокот, микропластиката е пронајдена во речиси секој дел од човечкото тело. Иако научниците не се сигурни за нејзуното влијание на здравјето, неколкумина од нив веќе алармираат.
Микропластиката влегува во телото и преку гумите за џвакање
„Не сакам да ги плашам луѓето“, изјави за АФП Санџај Моханти, водечки автор на студијата, која беше претставена на состанокот на Американското хемиско друштво и поднесена за рецензирана публикација.
Нема докази за директна врска помеѓу микропластиката и промените во човековото здравје, вели истражувачот од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA).
Тој нагласи дека целта на студијата е да се прикаже малку истражениот пат по кој ситните, често невидливи пластични честички влегуваат во човечките тела: преку гумите за џвакање.
Повеќе од 600 честички!
Лиза Лоу, докторант на UCLA, џвакала седум „мастики“ од десет различни марки, а потоа ѝ била извршена хемиска анализа на плунката: еден грам гума за џвакање во просек испуштала 100 честички на микропластика, но некои гуми за џвакање ослободиле повеќе од 600.
Научниците истакнуваат дека тоа значи дека луѓето кои џвакаат 180 „мастики“ годишно би можеле да внесат 30.000 микропластични честички.
Ова е сепак незначителна количина во споредба со многу други можности за внесување микропластика, забележува Моханти. На пример, други истражувачи минатата година процениле дека еден литар вода во пластично шише содржи во просек 240.000 честички микропластика.
За Оливер Џонс, професор по хемија на австралискиот универзитет RMIT, количината на микропластика измерена во гумите за џвакање е „многу мала“ и проголтаните честички „веројатно поминуваат низ вас без никакво влијание“.
–Мислам дека сè уште не треба да престанеме да џвакаме „мастики“ – вели тој.