
Џон Њуман во пресрет на настапот во Струмица: Едвај го чекам Get EXITed!
Глобалната поп и соул сензација Џон Њуман повеќе од една деценија суверено владее со светската музичка сцена и ги освојува срцата на обожавателите со својот моќен глас, емотивните мелодии и песни што го достигнуваат самиот врв на водечките топ листи. Уникатниот продуцент, пејач, текстописец и диџеј на 7 септември носи хитови со над 2,5 милијарди стримови на големиот Get EXITed спектакл во Градскиот парк Струмица, и тоа во својот специјален хибриден настап. Во пресрет на овој голем музички настан, ви донесуваме ексклузивно интервју со овој одличен уметник!
Препорачано
Здраво, Џон! Ви благодариме за овој разговор. Знаете ли колку обожаватели имате овде во Македонија? Имате ли убави спомени од нашата земја?
– Здраво! Благодарам што ме поканивте. Бев во Македонија, свирев во главниот град и се сеќавам на неверојатната атмосфера. Овој пат, многу ми е мило што на обожавателите ќе им го претставам мојот нов хибриден диџеј сет!

На претстојниот Get EXITed настан ќе го претставите својот уникатен диџеј сет. Препорачајте ни некои од Вашите претходни сетови што би можеле да ги слушнеме пред да дојдете во Струмица!
– Едвај го чекам Get EXITed, тоа е огромен настан и можам само да замислам каква енергија носи таа публика. Свирев пред неколку години на фестивалот ЕГЗИТ во Србија и мислам дека таа година поставивме рекорд за најголема посетеност во историјата на ЕГЗИТ во тоа време! Неодамна бев на „Тумороуленд“ (Tomorrowland) во Белгија, па би предложил да го погледнете тој сет за да имате увид во мојот моментален музички правец.
Што уште може да очекува од Вас публиката на Get EXITed? Имате ли некое изненадување за нас?
– Кога станува збор за изненадувањата, имам некои песни што луѓето можеби сè уште не ги слушнале. Во електронската музика овие песни ги нарекуваме ИД. Подготвив доста за мојот сет. Покрај познатите работи, целиот мој настап е составен од песни што специфично ги направив за тој сет и за енергијата на тој настан. Исто така, верувам дека електронската музика е секогаш подобра во живо, и мислам дека енергијата и продукцијата навистина го поткрепуваат мојот настап и го креваат на повисоко ниво. Можеби тоа е изненадување за некои. Колку труд е вложен за овој сет да биде најдобар што може.
Честитки за Вашата најнова песна „Call Your Name“, соработка со Алесо! Можете ли да го споделите своето искуство за создавањето на песната и дали ќе имаме можност да ја слушнеме во живо?
– Таа песна ми значи многу. Порано правев електронска музика и бев диџеј. Потоа издадов една соул песна, која ме дефинираше како уметник во тој момент. Кога започна изолацијата поради пандемијата, психички ми беше многу лошо и одлучив да се повлечам од музиката додека не одлучам што понатаму. По година и пол го отворив лаптопот и повторно почнав да правам денс музика. Интересно е што „Call Your Name“ беше првата песна на која почнав да работам. Така, поминаа две до три години откако ја направив таа песна, но мислам дека беше важно на вистински начин да се темпира нејзиното објавување. Беше задоволство да се работи на оваа песна со Алесо. Јас сум негов голем обожавател и на неговата музика и се надевам дека синглот ќе продолжи да освојува нови фанови.

Заслужни сте за некои од најслушаните песни низ светот. Како успевате да останете скромен? Дали имате одредени ритуали или техники што ги користите за да ја поттикнете својата креативност?
– Пред сè, благодарам за убавите зборови за моите песни. Успехот сакам да го набљудувам како на берзански графикон. Кога вложувате пари во акции, доживувате амплитуди, подеми и падови, кога станува збор за нивото на успех. Истото е и со музичката кариера. На крајот на краиштата, сè зависи од тоа како го проценувате успехот. Мислам дека е важно повремено да се повлечеш и да ги набљудуваш работите од поширока перспектива. Музиката е најпрекрасното хоби, ми годи и ми носи навистина одлични работи во животот.
Како уметник што често работи со други музичари (Калвин Харис, Дејвид Гета, Рудиментал, Сигала, Алесо…), што најмногу цениш во тој процес на соработка?
– Мислам дека многумина го делат моето мислење дека музиката се заснова на соработка. Некои продуценти можеби повеќе сакаат да работат сами во студио, но најверојатно, потоа, ќе работат со вокалот преку својата издавачка куќа или на некој друг начин. Соработувајќи со други продуценти и уметници, постојано наоѓам нова инспирација и мојата креативност се проширува во нови правци. Можете да учите од она што некој друг го прави и обратно. Благодарен сум што соработував со такви талентирани луѓе како Алесо и Дејвид Гета. Работата со Калвин Харис беше неверојатно искуство; дури кога ќе го видите во акција, ќе сфатите колку тој е навистина мајстор. Сите овие момци и девојки се на врвот на светската музика и навистина е инспиративно да се работи со нив.
Кога ќе погледнете наназад, кои биле најважните моменти во Вашата кариера досега?
– Постои позната изјава на Енцо Ферари кога го прашале: „Кое е ви е омилено Ферари?“, а тој рекол: „Следното“. Мислам дека јас сум тука сега. Се трудам постојано да напредувам, да го развивам својот звук и музика. Ако некој ме праша која е мојата омилена песна, мојот одговор е следната. Се разбира, убаво е да се сеќаваш на убавите времиња; предизвикувачки не толку многу. Но, во суштина, важно е да ги цените добрите работи што ви се случуваат во моментот и да уживате во нив. Чувствувам дека ова поглавје во кое се наоѓам во моментот е најфасцинантното. Тоа е нешто ново, предизвикувачко и навистина возбудливо.
Дали е можно повторно да сакаш некого?
– Мислам, да. По враќањето од пауза од година и пол, со визија за нов правец и звук, почувствував толкава љубов од луѓето што ме следат и кои се покрај мене. Како и од нови луѓе што стануваат обожаватели на овој нов правец по кој тргнав. Поддршката беше неверојатна, па во таа смисла, чувствувам дека повторно сум сакан.

Името на нашиот весник е „Слободен печат“. Што значи слободата за Вас?
– За мене, слободата треба да биде патување низ кое се пронаоѓаш себеси, без осудување или прифаќање туѓи етикети. Мислам дека секој треба да има слобода сам да одлучи каде стои во овој свет. Тоа е слобода за мене.
И за крај, дали имате порака за сите фанови што со возбуда Ве чекаат?
– Многу сум возбуден што доаѓам во Македонија. Сега се подготвувам за тоа и го подготвувам шоуто. Како што реков, тоа е навистина голема работа. Голема продукција и многу енергија. Се надевам дека сите ќе уживаат во концертот. Едвај чекам повторно да ја посетам вашата прекрасна земја и прекрасните луѓе таму. Ви благодарам многу за можноста и се радувам на средбата со вас наскоро!