
Џафери се сретна со Даштевски: Фер и демократски избори што ќе придонесат во напредокот кон ЕУ
Техничкиот премиер Талат Џафери денеска се сретна со претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На средбата, како што соопштија од кабинетот на Џафери се разговарало за обврската да се спроведат фер и демократски избори, што ќе придонесат во напредокот кон Европската Унија.
Препорачано
– Во својот вовед, Џафери истакна дека, обезбедувањето на изборите не значи само обезбедување од аспект на законската регулатива и минимум стандарди, туку и заемна проактивност за да може да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија кои ќе бидат водилка за решавањето на тие кризи. Ова секако е важно, затоа што меѓу другите обврски, двете институции заедно имаат и обврска да ја штитат и репутацијата на институциите и да ја зацврстат довербата на граѓаните во самиот изборен процес. А тоа ќе се постигне само ако низ дела се потврди дека навистина се преземени сите потребни мерки за нивно заштитување и овозможување за остварување на своето право, се вели во соопштението.

Даштевски го поздравил предлогот на Џафери за координација, и посочил дека ДИК како надлежно тело за успешно спроведување на изборите, и при тоа независно, непристрасно, одговорно и професионално во своето работење, има потреба од поддршка и од другите институции.
– На состанокот се разменија информации околу потребните подготовки за спроведување на претстојните избори. Од двете страни беше нагласена законската надлежност, но и политичката волја, за слободни, фер и демократски изборни процеси на претседателските и на парламентарните избори на 24 април и на 8 мај, на коишто, како и во неколкуте претходни изборни циклуси, граѓаните слободно ќе го направат својот избор, се додава во соопштението.
Заедничка констатација на средбата била дека, Македонија е на европскиот пат, практикува европски вредности и потребен е силен фокус од сите политички субјекти и наратив на меѓусебно почитување, за фер и демократски избори што ќе придонесат во напредокот кон Европската Унија.