
Џафери: Се најдов во „цајтнот“, но ќе имаме соодветна одлука за личните документи
Техничкиот премиер Талат Џафери при денешната посета на тетовското село Селце каде што се поставуваше камен-темелник за изградба на ново училиште, рече дека изминативе десетина дена се нашол пред многу предизвици, вклучувајќи го и актуелниот предизвик со личните документи.
Препорачано
Тој истакна дека денеска во Собранието ќе има средба со пратениците, со цел да се изнајде соодветно решение, односно одлука која би била во полза на граѓаните кои го имаат старото име на државата.
– Јас сум свесен дека во овие десет дена се најдов пред многу предизвици во „цајтнот“, ако може така да се каже. Секако дека ние ги имаме преземено сите можности и евентуални решенија кои би биле во полза на граѓаните и секако ние размислуваме и за законско решение и во текот на денот ќе имаме соодветно решение и одлука, имајќи предвид дека денеска треба да сум во Собранието поради други обврски. Секако веќе е договорено да имаме заедничка средба со пратениците и евентуалните решенија да ги дефинираме преку закон, рече Џафери.
Тој дополни дека е можно и донесување на одлуки на Владата поврзани со личните документи.
– Другиот дел од решенијата можни се преку одлука на Влада. Секако работиме на тоа што е соодветно и можно да се спроведе и изведе преку одлука на Влада и ќе имаме сооветна одлука и решенија за прашањата кои се актуелни. Сега треба да си ги согледаме сите аспеки таму каде што е можно продолжување на рокот да се продолжи, таму каде што има потреба од друг вид на одлука да се спроведе друга одлука, рече Џафери.