Комисија за заштита на конкуренцијата - табла / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Две фармацевтски компании склучиле картел за јавна набавка на лекови и материјали за дијабетичарите- потврди Вишиот управен суд

За учество во предметниот картел Комисијата со решението изрече прекршочни санкции глоба и тоа на АД Д-р Пановски во износ од 1.061.000 евра и на Фарма Трејд ДООЕЛ – 721.000 евра. Висината на наведената глоба е во корелација со штетата која е нанесена на буџетот на државата

Вишиот управен суд со пресуда (УПРЖ бр.63/2024) го потврдил решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата со кое Комисијата утврдила дека две големи веледрогерии АД Д-р Пановски и Фарма Трејд ДООЕЛ Скопје склучиле забранет договор – КАРТЕЛ, при учество во постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, соопштија од Комисијата за заштита на конкуренцијата за „Слободен печат“.

-Се работи за јавна набавка која во 2016 година е распишана од страна на Министерството за здравство на Република Македонија при што двете веледрогерии спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата склучиле забранет договор-картел со кој свесно и со намера да се стекнат со противправна имотна корист на штета на државата го замениле принципот на слободна конкуренција на пазарот со забрането договарање на продажните цени на лековите – детализираат од КЗК.

Комисијата за заштита на конкуренцијата при откривање и документирање на овој картел го имала предвид домашното законодавство, но и судската пракса на Европската Унија.

-За учество во предметниот картел Комисијата со решението изрече прекршочни санкции глоба и тоа на АД Д-р Пановски во износ од 1.061.000 евра и на Фарма Трејд ДООЕЛ – 721.000 евра. Висината на наведената глоба е во корелација со штетата која е нанесена на буџетот на државата. Решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата е потврдено од страна на Управниот суд и Вишиот управен суд и истото е правосилно и извршно и претпријатијата треба да ја платат глобата во законски утврдениот рок. Комисијата за заштита на конкуренцијата за откриениот картел ќе поднесе соодветно известување до Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство заради натамошно постапување од нивна страна во соодветна кривична постапка – велат од КЗК.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот