
Две болници во Газа не работат поради ескалацијата на израелската офанзива
Палестинското Министерство за здравство објави дека две болници во градот Газа престанале да работат поради ескалацијата на копнената офанзива на Израел и штетите од постојаното израелско бомбардирање.
Препорачано
Министерството изјави дека Детската болница „Ал-Рантиси“ била сериозно оштетена во израелското бомбардирање пред неколку дена, а Очната болница исто така била затворена поради бомбардирањето.
„Ниеден од објектите или болниците нема безбедни пристапни патишта што им овозможуваат на пациентите и ранетите да стигнат до нив“, додаде Министерството, пренесува Ројтерс.
По речиси две години војна, Израел го нарекува градот Газа „последен бастион“ на палестинското движење Хамас, против кое вели дека е во војна. Во копнен напад, израелската армија урива блокови од станбени згради за кои тврди дека биле користени од движењето.
Жителите раскажуваат дека израелските тенкови напредувале подлабоко во областа Шеик Радван и улицата Џала во северниот дел на Газа, каде што сега се затворени две болници, додека во Тел Ал-Хава на југоисток, тенковите навлегле подлабоко во правец на западните делови на градот.
Се вели дека израелските сили далечински детонирале возила натоварени со експлозив за да уништат десетици куќи во двете области одеднаш.
-На денешниот состанок во воениот штаб во Тел Авив со министерот за одбрана Израел Кац и началникот на Генералштабот Ејал Замир, премиерот Бенјамин Нетанјаху ја потврди својата решеност да го „елиминира Хамас“, да обезбеди ослободување на преостанатите заложници и да се осигури дека Газа повеќе не претставува закана за Израел – соопшти неговиот кабинет.
Локалните здравствени власти соопштија дека најмалку 25 лица се убиени денес низ енклавата, повеќето од нив во градот Газа.