Родриго Дутерте во февруари 2025 година / Фото: EPA-EFE/ROLEX DELA PENA

Дутерте лета кон Хаг – ќе му се суди зашто убиваше луѓе без судење

Поранешниот претседател на Филипините, Родриго Дутерте е испратен во Хаг откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење против него за злосторства против човештвото во неговата „војна против дрогата“ додека беше на власт, јавува „Би-би-си“.

Дутерте, кој на 28 март ќе наполни 80 години, беше уапсен по враќањето од Хонг Конг на Филипините. Тој ги оспори апсењето и екстрадицијата, а пред истражниот затвор се собраа стотици негови поддржувачи, во обид да го спречат испорачувањето. Но, по само неколку часа, Дутерте со чартер-авион веќе беше на пат кон Хаг, Холандија, каде што ќе му се суди.

Актуелниот претседател на Филипините, Фердинанд Маркос Јуниор, рече дека земјата со испорачувањето на Дутерте ги исполнува своите обврски преземени со потпишувањето на меѓународните конвенции.

За време на владеењето на Дутерте, тој водеше бескомпромисна и брутална војна против дрогата, во која илјадници ситни дилери и корисници и други беа убиени без судење.

Ќерката на Дутерте, Сара, која рече дека ќе го придружува во Хаг, е потпретседателка на државата и политичка ривалка на Маркос Јуниор, кој пак е син на долгогодишниот диктатор кој владееше со Филипините како предводник на воена хунта во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, Фердинанд Маркос. Сара Дуарте рече дека апсењето е чин на политички прогон против нејзиниот татко.

Родриго Дутерте никогаш не се извинил за неговите сурови политики против дрогата, во која од 2016 до 2022 година, според проценките, без судење биле убиени околу 6.000 луѓе, главно осомничени за користење или продавање дрога.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот