
ДУИ: Власта треба да се соочи со прашањето како објектот во Кочани цела година работел со фалсификувана лиценца
Секој ден, сѐ поголем е бројот на експерти, професионалци, граѓани кои гледаат и јасно предочуваат што се случува: ова е политички прогон, а не истрага. Наместо да се соочи со прашањето како објектот во Кочани работел цела година со фалсификувана лиценца, преполн со малолетници, со пиротехника и без дозвола, власта апси поранешен министер – кој одамна нема надлежност – само затоа што не е „нивни“, реагира политичката партија ДУИ.
Препорачано
– Во држава каде што целото општество е во тага, премиерот на јавна сцена демонстрира вулгарни закани, влечење за уши и нарачува апсења пред камера. Не за да донесе правда – туку за да ја прикрие вистината. Не за да ѝ помогне на истрагата за тоа кој дозволил, туку за тој лично да ја води истрагата, но по политичка линија. А сѐ појасно станува дека под површината – сите институции молчеле цела година, иако знаеле што се случува. Клубот бил синоним за „заштитен простор“ на локалната политичка и бизнис елита. Градоначалници, инспектори, командири и пратеници – сите биле таму. Сите знаеле. И сите молчеле – се вели во соопштението од партијата.
Тие велат дека јавноста со право бара одговор и прашуваат дали Владата има минимум личен кредибилитет да побара или да поднесе политичка одговорност.
– Кој дозволил клубот незаконски да работи веќе цела година по сите основи – со блокирана сметка, без да издава фискални сметки, пломбиран или не од УЈП сѐ уште не ни е јасно, секако без никаква легална дозвола, дури и со истечена фалсификувана лиценца. Кој тоа цела година упорно не можел да види редовна употреба на пиротехничките средства што ја има на сите социјални мрежи? И како тоа никој не ја виде големината на кобниот настан што не само целиот град, туку и целиот регион знаеше? Кој тоа цела година толерирал објектот да се преполнува над дозволеното, исто како и кобната вечер, дури и со малолетни деца, директно ставајќи ги под ризик граѓаните кои го посетувале објектот? И на крајот, има ли некој во оваа Влада минимум личен кредибилитет, да побара, или да поднесе политичка одговорност? Има ли барем еден од оние кои се на функција веќе една година со таква доблест? – додаваат од ДУИ.
Од партијата порачаа дека нема да молчат и ќе соработуваат со секоја објективна и независна истрага, но нема да престанат да бараат јасни одговори на очигледните прашања и да молчат пред политичкиот прогон.