медиуми микрофони / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, реагираат од СДСМ и ДУИ

По објавата на најновиот извештај на „Репортери без граници“ за индексот на слободата на медиумите, а на кој Македонија се најде на 42 место, со пад за шест места за разлика од лани, со остри реакции се јавија од СДСМ и ДУИ.

Падот за шест места, според ДУИ, претставува сериозен показател за негативниот тренд во демократското управување и односот кон критичкото мислење во земјава. Оттаму велат дека деталната анализа укажува на сериозни слабости – од политичкиот контекст и правната рамка, до економските притисоци и безбедносната состојба на новинарите.

„Загрижувачки е што во извештајот јасно се детектира постоење на одредени паралелни медиумски системи, директно поврзани со политички и економски центри на моќ, кои влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните. Наместо да гарантира институционална независност, Владата избра да го продлабочи клиентелизмот преку нови механизми за влијание, вклучително и рекламирање на јавните институции во приватни медиуми, што повторно го отвора прашањето за транспарентност и фер третман на медиумската сфера“ оценува партијата.

Односот кон медиумите, велат е директен одраз на зрелоста на една демократија. Наместо селективна поддршка и политички погодни уредувачки пристапи, според ДУИ, неопходна е поддршка на професионалните стандарди, независноста на јавниот сервис, заштита на новинарите и институционална подготвеност да се одговори на критичкото известување со отчетност, а не со притисоци.

Од СДСМ пак порачаа дека овој ивештај е уште еден алармантен показател за погрешната насока во која оди државата под власта на ВМРО-ДПМНЕ.

„Репортери без граници оценуваат дека независните медиуми се изложени „на закани и напади“ и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат “лоши и понижувачки ставови кон новинарите“. Наместо да работат на унапредување на демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ се враќа на старите методи на контрола, притисоци и страв.

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора. Оваа тенденција повторно се потврдува. Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и СДСМ ќе продолжи да се бори против оваа регресија што ја спроведува ДПМНЕ“ велат од СДСМ.

Оттаму порачуваат дека медиумските слободи не смеат да бидат жртва на партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот