
ДУИ: Само преку ветинг ќе се исчисти политичката сцена
„Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата, која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори, кои денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање“, порачаа од партијата
ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која има право да држи лекции за борбата против корупцијата, криминалот и политичките влијанија, реагираат од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Според партијата, од позиција на власт, ВМРО-ДПМНЕ има единствена цел, целосно заробување на државата, особено на правосудството.
Препорачано
„Под водство на оваа влада, политиката отворено се меша во Обвинителството, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, со класични политички сценарија за ставање на правдата под контрола“, се наведува во соопштението.
Од ДУИ велат дека не се плашат од независно правосудство ниту од транспарентност, туку предлага ветинг со меѓународен мониторинг како решение за расчистување со политичкото и коруптивно влијание.
„Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата, која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори, кои денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање“, порачаа од партијата.
ДУИ бара истрагата да се прошири и на институциите на државната безбедност и нивните вработени од 1945 година до денес, за да се затвори „темното поглавје од минатото“ и да се изгради држава во која никој не е над законот.
„Времето на моноетнички проекти и етничка супериорност е завршено. Северна Македонија може да се гради само заедно, во духот на мултиетничноста и еднаквоста“, порачуваат од партијата.
Од партијата велат дека остануваат цврсто определени да ја водат државата напред кон европската интеграција, со чисти институции, независно правосудство и крај на бескрајниот транзициски период.