
ДУИ: Новите полициски униформи да бидат двојазични
Одлуката за новите полициски униформи да бидат само на македонски јазик е скандалозна. Овој чин претставува кршење на принципите на Охридскиот договор и на Законот за употреба на јазиците, кој гарантира еднаквост и двојазичност во државните институции, особено на полициските униформи, реагира политичката партија ДУИ.
Препорачано
– Ова не е изолиран случај, туку континуитет на дискриминаторската политика на ВМРО-ДПМНЕ, која веќе има иницирано во Уставниот суд укинување на албанскиот јазик како службен. Она што ја прави оваа одлука уште поскандалозна е сервилното молчење на албанските партии на власт, кои прифатиле да бидат вазали на антиалбанските политики, газејќи го достоинството и правата на Албанците за ниски политички интереси – се вели во соопштението.
Според партијата, еднојазичните униформи не се само облека, туку и симбол на идентитетот на државата, на еднаквоста и на почитта.
– Кога законот бара двојазичност, а Владата наметнува еднојазичност, тоа е доказ за изгубениот политички суверенитет на албанските партии кои денес се огледало на интересите на ВМРО. Албанците нема да прифатат вакви понижувања. Законот е јасен, во општините каде Албанците се најмалку 20 отсто, секоја државна институција е обврзана да ги користи службените јазици, вклучувајќи ги униформите и јавната комуникација – додаваат од ДУИ.
Тие побараа итно повлекување на униформите и замена со двојазични натиписи, како и јавно извинување од албанските партии на власт.
– Еднаквоста не е луксуз, таа е законска, морална и национална обврска. ДУИ не прифаќа компромис со достоинството. Албанците жртвуваа за еднаквост, а оваа срамна одлука ќе биде поништена – се вели во соопштението.