Собрание Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Државната химна трн во око на пратениците Албанци

Амандмани за химната и за државниот испит по македонски јазик за директорите поднеле и Европскиот фронт и Вреди кои бараат бришење на одредбите.

Три опции се во игра кај пратениците Албанци за пакетот закони од образованието што утре се на расправа во матичната собраниска комисија. Првата опција е предлог-законите, особено тој за средно образование да претрпат амандмански измени, второ ако тоа не помине законот да се блокира со Бадентер и како трета варијанта, Владата за мир во куќа да ги повлече законите, брифираат за „Слободен печат“ пратеници од опозицискиот Европски фронт и од владејачката Вреди.

Трн во око на пратениците Албанци е членот од законот што предлага интонирање на државната химна во училиштата, но и одредбата директорите задолжително да достават потврда за положен државен испит по македонски јазик. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека законите ќе поминат зашто нема спорни одредби.

За законите веќе се поднесени околу 50 амандмани, но без оглед на бројот на амандманите, законите не може да бидат блокирани зашто според новиот Деловник, комисиската расправа трае пет дена по што законите одат на пленарна седница.

Амандмани за химната и за државниот испит за директорите поднеле и Европскиот фронт и Вреди. И двете коалиции предлагаат амандмани со кои се бара да се избришат одредбите за химната и за државниот испит. Образложението зошто се против интонирање на химната на почетокот и на крајот на учебната година, како и на патронатите и на други свечености е дека „интонирање на химната сметаме дека е доброволен акт и не треба да биде законска обврска, затоа предлагаме да не стои во законот“.

Министерката за образование Весна Јаневска повеќепати истакна дека оваа одредба нема да биде задолжителна. За пуштање на химната ќе одлучуваат основачите, односно општините и Град Скопје. Според министерката, како припадници на една држава треба да се гордееме со националните симболи: химна, знаме и грб. Таа смета дека сите што ја чувствуваат оваа држава како своја и сите што сметаат дека треба да работат за просперитетот на државата, треба да си ги почитуваат симболите на државата.

Пратениците од Вреди и од Европскиот фронт не се согласуваат ниту со одредбата дека директорите на училиштата треба да полагаат државен испит за македонскиот јазик.Со амандман бараат да се избрише таа одредба од предлог законот со образложение дека „јазикот кој го зборуваат 20% од граѓаните е службен јазик во државата, затоа сметаме дека кандидатот за директор нема потреба да достави потврда за положен државен испит за македонски јазик затоа што албанскиот јазик е гарантиран со член 7 и амандман V на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за употреба на јазиците“.
Според владејачката Вреди, доволно е кандидатот за директор да достави уверение дека го владеат македонскиот јазик.

Од Вреди бараат и измена на предлог-законот во делот на авторите на учебници што мора да бидат државјани на Македонија. Според Вреди, авторите не мора да бидат државјани на Македонија, во спротивно се ускратува соработка со автори на учебници од странство, веројатно се мисли на автори од Косово и од Албанија. Од Вреди се надеваат дека ќе бидат прифатени нивните амандмани.

Доколку амандманите не поминат, во игра е донесувањето на законот да се блокира со Бадентеровото гласање бидејќи за законите од образованието е потребно двојно гласање, односно освен мнозинство од пратениците потребно е и мнозинство од пратениците од заедниците. За да помине законот потребен таканаречен мал Бадентер, односно за него да гласа мнозинство од присутните пратеници од заедниците. Ако се оди на блокада на законот тогаш можно е пратениците Албанци да не гласаат за законот, да гласаат против или да излезат од салата. Се споменува и опцијата Владата како предлагач самата да повлече некои од законите кои се спорни за пратениците Албанци. Дека е потребна корекција на законите, пратениците од власта веќе ѝ сигнализирале на Владата, бидејќи не гласале за потребата од носење на законите.

Од осамостојувањето на државата, партиите на Албанците континуирано бараат промена на државните симболи, со образложение дека ни химната, ни грбот, ни знамето не содржат „елементи од албанскиот културен идентитет“, односно дека не го одразуваат „мултиетничкиот карактер на општеството“. Починатиот претседател на ДПА, Арбен Џафери во една пригода предложи дека Македонија треба да има химна како што е „Ода на радоста“ и дека може да биде само мелодија без текст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот