Проф. д-р Гордан Калајџиев / Фото: „Трилинг“

Државата нема интерес да открие кои комуникации се следени кај Мицкоски, вели професорот Калајџиев

„Однапред, тешко е да се каже дали е на повидок нова партиско-полициска афера или се работи за „фингерајка“ за дефокусирање на јавноста, но она што може да го извлечеме како заклучок е дека работите се појавуваат како инциденти и афери. Она што е очигледно е дека во суштина постои некаков континуитет на беззаконие, недоволна контрола и законско и професионално постапување на службите кое што влече корени уште од стариот систем и кое во суштина никогаш не беше ни вистински реформирано“ – ова го изјави универзитетскиот професор, д-р Гордан Калајџиев, во емисијата „Трилинг“ околу последната афера поврзана со наводното следење и прислушување на функционери и јавни личности.

Професорот вели дека е интересно како јавноста, вклучително и политичките партии, многу брзо го губат интересот да се следат овие состојби, да се превенираат.

„И така, од големите афери, па се до последното, како и констатираните состојби во извештајот на Прибе, помина некој период и луѓето овие работи како да ги заборавија. Веројатно се запоставува или се оневозможува можноста да се востанови некаква контрола и генерално се губи интересот за овие состојби“, смета Калајџиев.

Околу наводите од тогашниот опозиционер, а сегашен премиер Мицкоски дека бил предмет на безбедносна опсервација, Калајџиев вели дека дипломатско-конзуларните претставништва по дефиниција вклучуваат разноразни агентури, разузнавачки служби и тие непосредно комуницираат и со партиите и со високи партиски фигури и теоретски е можно да нема злоупотреби и покрај тоа што можеби на еден или друг начин бил евентуално и следен.

„Ние знаеме дека нашите служби по традиција ја имаат таа слабост да функционираат повеќе по политички критериуми отколку професионално-безбедносни и тоа е стара болка. За конкретниов случај никој сега со сигурност не може да каже нешто без да се направи соодветна контрола на случајот и да се има целосен увид. Теоретски е можно да нема злоупотреби и покрај тоа што можеби на еден или друг начин бил евентуално и следен. Вие знаете дека дипломатско-конзуларните претставништва по дефиниција вклучуваат разноразни агентури, разузнавачки служби и тие непосредно комуницираат и со партиите, така што во следење на нивните активности не е чудо да се јават како таргет или како некој што упаднал во тие ситуации и високи политички фигури. И тоа не е лошо, ниту забрането доколку е „бона фиде“ според професионални критериуми зависно од ситуацијата. Проблем е ако тие надвор од безбедносно-професионалните, од аспект на чиста злоупотреба, се ставени на опсервација за да се оцрнат. Затоа можни се и двете ситуации“, вели професорот.

За тоа каква разврска очекува, Калајџиев смета дека по природа на нештата, шансите да дознаеме сè зависат од самата природа на случајот.

„Јас не верувам дека сега државата има интерес да обзнани кој се комуникации се следени кај Мицкоски или било кој друг. Имаме еден посериозен проблем што дури на ниво на државата не ни е докрај јасно, бидејќи овие работат против непријателски служби и условно кажано непријатели на државата, ние уште не сме го надминале проблемот – кој тоа професионално и неполитизирано би ги определил вистинските непријатели и пријатели против кој делуваат тајните служби. Дали, на пример, израелските служби се пријателски или непријателски, особено во овој контекст каде што практично таа држава е еден агресор?“, вели професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот