Храна / Фото: EPA/OLIVIER HOSLET

Австрија: Доставувачите на храна – невидливи работници, видлива штета

Австриските власти спроведоа голема акција против социјална измама кај доставувачите на храна, при што беа откриени бројни неправилности поврзани со лажно пријавување на работни односи и непријавен труд. Проблемот е што многу работодавачи ги ангажираат доставувачите како „слободни работници“ за да избегнат социјални и даночни обврски. Државата реагира со нови мерки и засилени контроли, со цел да го спречи овој тренд и да обезбеди фер пазар.

Во координирана акција на Финансиската полиција и Австрискoтo здравственo осигурување беа спроведени широки контроли кај доставувачите на храна низ цела Австрија, при што беа откриени десетици прекршувања поврзани со социјалнa измама. Акцијата, која се одвиваше во четвртокот, опфати 69 различни локации во сите сојузни покраини. Вкупно 224 инспектори беа на терен, контролирајќи 67 фирми и 75 доставувачи. Се забележува тренд каде што регуларни работни односи се заменуваат со договори за слободна соработка, со што се избегнуваат законски обврски поврзани со социјално осигурување, даноци и работнички права.

Во 50 случаи постои основан сомнеж дека доставувачите се лажно пријавени. Тројца биле затекнати како работат без пријава во социјалното осигурување и притоа примале надоместок за невработеност, додека седум лица немале никаква дозвола за работа. Еден доставувач дури бил без валидна дозвола за престој и бил уапсен од полицијата за странци. Најмногу неправилности биле откриени во Виена, но детални податоци за контролите по покраини не се соопштени.

Секторот под притисок: масовни отпуштања

Индустријата за достава веќе подолго време е во фокусот на јавноста поради нерегуларни услови за работа и ниски плати. Во март оваа година компанијата Лиферандо објави дека ќе ги префрли сите свои доставувачи од редовен работен однос во статус на слободни работници, по примерот на конкуренцијата како Фудора и Волт. Овој потег доведе до масовни отпуштања и предизвика демонстрации и остри критики од синдикатите, Работничката комора, СПО и Зелените. Иако почетокот на април беше одбележан со протести, до крајот на мај речиси сите погодени доставувачи го прифатија социјалниот план што го понуди Лиеферандо.

Компаниите се оправдуваат дека работат во услови на висока конкуренција и оти имаат право да склучуваат договори со логистички партнери, што е легитимна практика. Од Фудора тврдат дека сите нивни доставувачи се пријавени според законските регулативи и дека секој што почнува со работа е формално регистриран во социјалното осигурување. Меѓутоа, за слободните работници не важи колективниот договор за велосипедски доставувачи, кој од 2023 предвидува месечна бруто плата од 1730 евра. Тоа значи дека голем дел од работниците остануваат надвор од правната и социјална заштита. Во Виена неодамна се појави и идеја електричните мопеди што ги користат доставувачите да се рекатегоризираат како вистински мопеди, со што би се ограничило нивното движење по велосипедските патеки.

Буџетска стратегија и нови мерки против социјален измама

Борбата против социјалниот измама добива сe поголема тежина и во однос на буџетот. Според министерот за финансии Маркус Мартербауер од СПО, заштитата на јавните средства и обезбедувањето фер конкуренција се императиви, особено во време кога државниот буџет е под притисок. Само преку подобра контрола и спречување на непријавен труд државата може да избегне загуби во висина од неколку стотици милиони евра годишно. За 2026 во буџетот се планирани 270 милиони евра дополнителни приходи од оваа бранша, а до 2029 се предвидува тој износ да достигне 450 милиони. Во рамки на новата буџетска стратегија, оваа борба е посебно нагласена.

Во 2025 година се планирани најмалку 1300 контроли на терен, со фокус на уличен транспорт, мали доставни служби, градежништво, туризам, угостителство, обезбедување и организација на настани. Дополнително, од 2026 секој работодавач при пријава на нов вработен ќе мора да ја наведе и договорената неделна работна норма, што треба да овозможи поголема транспарентност и спречување на дампинг на плати. Сите овие чекори се дел од една системска стратегија што треба да ја намали даночната и социјалната неправда во земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот