penzioneri

Дополнително пензиско осигурување ретко кој може да си дозволи

Само 32.132 граѓани членуваат во некој од незадолжителните фондови. Оданочувањето на приносите дополнително го дестимулира членувањето во доброволните пензиски фондови

Во Третиот пензиски столб каде што се четири доброволни пензиски друштва, заклучно со 30 април имало 32.132 члена, покажуваат податоците од последниот месечен
статистички извештај на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Притоа, само 16.033 граѓани сами си отвориле индивидуална сметка, додека за 16.099 вработени, тоа го направил нивниот работодавач. Во државава има 4.126 такви работодавачи што за себе или и за своите вработени, сакаат да ја зајакнат идната пензија.

Пари за подобри пензиски денови може да се вложат во Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд, Триглав отворен доброволен пензиски фонд и ВФП отворен доброволен пензиски фонд. Во нив, на крајот од минатиот месец имало вкупно 61,6 милиони евра, кои се вложуваат за да се оплодат и еден ден да им обезбедат поголема пензија на тие што сега на некој начин штедат.

Ако се земе предвид дека во задолжителните приватни пензиски фондови членуваат 598.818 вработени, тогаш може да се каже дека е малку такви што одвојуваат за дополнително пензиско осигурување. Згора, во Третиот столб може да вложуваат и оние што не се опфатени со задолжителното пензиско осигурување.

„Доброволно капитално финансиско пензиско осигурување претставува пензиско осигурување на доброволна основа со капитализација на средствата. Во ова осигурување се вклучени лица што не се опфатени во задолжително пензиско осигурување и лица што се опфатени во тоа осигурување заради остварување дополнителен приход. Во доброволните пензиски фондови се уплаќаат доброволни придонеси од лица, работодавачи и здруженија на граѓани што ќе одберат да придонесуваат во овие фондови чии средства се инвестираат во финансиски инструменти и се распределуваат во согласност со овој закон“, пишува во Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Тихомир Петрески, претседател на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво, на завчерашното одбележување на петгодишнината од постоењето на Друштвото го актуализираше прашањето со измените на Законот за данокот на личен доход, со кои од 1 јануари 2023 година се укина ослободувањето од оданочување во доброволниот пензиски фонд. Петрески вели дека оданочувањето на парите во доброволните фондови е дестимулирачко.

– На овој начин се дестимулира членување во доброволен пензиски фонд. Сепак, тоа е долгорочно вложување и треба да се стимулира, да има некои поинакви услови во однос на другите вложувања. Покрај тоа што со вложувањето во доброволните пензиски фондови се обезбедуваат подобри пензии, треба да се напомене и дека обично околу 60 отсто од парите се вложуваат во државни обврзници, со што и на државата и одговара да има повеќе пари во фондовите. Се надеваме дека оданочувањето пак ќе се преиспита – рече Петрески.

Сепак, ако се погледаат бројките, за една година има 170 нови членови во доброволните пензиски фондови, а и нето-средствата на овие фондови се зголемиле за скромни околу 100.000 евра. Но, и Дарко Саздов, член на Совет на експерти на МАПАС, смета дека е потребна постимулирачка политика за вложување во доброволните пензиски фондови.

– Дополнителното пензиско осигурување секогаш треба да има малку подобар државен стимул. Ова е нешто како дополнителна пензија за во иднина. Порано, се уплаќаше данок, но потоа, на крајот на годината, државата правеше поврат, со тоа што ги враќаше парите на индивидуалната сметка на членовите. Потоа, со одењето во пензија, на секое подигање, се плаќаше данок. Ова се укина, но она што не беше доволно промовирано е дека данок се плаќа само на приносот. На пример, ако сте уплатиле 10.000 денари што друштвото ги оплодило и станале 12.000 денари, данокот се плаќа само на разликата, на тие 2.000 денари. Потоа, со одењето во пензија и подигање на средствата, не се плаќа данок – објасни Саздов за „Слободен печат“.

Тој вели дека стариот начин на оданочување бил постимулативен, затоа што членовите имале повеќе пари на индивидуалната сметка.

– Станува збор за млади членови што повеќе ги интересира што имаат на нивната индивидуална сметка отколку дали треба да плаќаат данок потоа, при пензионирањето. Но, да биде јасно – ние немаме аргументи за да кажеме дека сегашниот начин на оданочување ги оштетува членовите – вели Саздов.

Во исто време кога се укина ослободувањето од оданочување во доброволните пензиски фондови, со истите измени на Законот за данокот на личен доход, се одложи даночењето на каматите на заштедите до влезот на Македонија во ЕУ. Но, во прилог на пензиските фондови оди што тие успеваат да обезбедат многу поголеми приноси од она што го даваат банките како камата. Сепак, експертите се сложуваат дека кај нас сè уште преовладува определбата за традиционалниот начин на банкарска заштеда во однос на другите видови вложувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот