
Доналд Трамп Јуниор на балканска турнеја промовира американски инвестиции
Најстариот син на американскиот претседател Доналд Трамп во вторник ја заврши турнејата низ Источна Европа, промовирајќи ги деловните активности на семејството и отворајќи канали за комуникација со политички личности во регионот кои се идентификуваат со програмата „МАГА“, објави Блумберг.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
По посетата на Унгарија на Орбан и вечерата со Александар Вучиќ во Белград, Доналд Трамп Јуниор ги посети Бугарија и Романија, каде што зборуваше за потребата од дерегулација на пазарите на криптовалути, а се сретна и со бизнисмени и политички личности, од кои многумина беа поврзани со скандали и контроверзни ситуации.
„Клучот за сè во светот на криптовалутите е регулаторната рамка“, рече Трамп Јуниор на вечера во Софија во неделата, според снимките објавени од бугарската платформа за криптовалути Nexo, која го организираше настанот.
„Многу работи ќе се променат многу наскоро и верувам дека владата на мојот татко ќе се обиде да го направи тоа ефикасно“, додаде тој.
Централна тема на турнејата беше зголемување на американските инвестиции во земјите кои се поотворени кон интересите на Организацијата на Трамп.
Турнејата го истакна дистанцирањето од традиционалните сојузници на САД во Западна Европа, при што Трамп помладиот изјави на приватна вечера во Букурешт дека западните лидери го угнетуваат Истокот, според преведените коментари дистрибуирани од телевизиската станица Романија.
Турнејата на Доналд Трамп Јуниор, и покрај отсуството на официјална улога во владата на неговиот татко, се одржа во регион со историски политички поделби и сега е централна точка за деловните активности на семејството.
Средбите се фокусираа не само на недвижнини и финансиски зделки, туку имаа и цел да негуваат односи со поединци поврзани со напорите на Трамп за соборување на либералниот поредок.
Освен со луѓето на Орбан и на српскиот претседател Вучиќ, Трамп Јуниор се сретна и со поранешниот романски премиер Виктор Понта — претседателски кандидат и поддржувач на МАГА — како и со поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Последните двајца поднесоа оставки од своите позиции по протестите против корупцијата, но остануваат моќни личности во својата земја.
Турнејата, наречена „Трамп бизнис визија 2025“, е втора посета на Трамп помладиот во Источна Европа откако неговиот татко се врати во Белата куќа. Балканските земји станаа жариште на семејни бизнис интереси, а зетот на Трамп, Џаред Кушнер, планира луксузен хотелски и станбен комплекс во Белград и други проекти во регионот за кои се проценува дека ќе надминат 1 милијарда долари.
Во Бугарија, посетата се фокусираше на темата криптовалути, а состанокот го организираше Нексо, платформа за криптовалути која се соочува со регулаторни проблеми во неколку земји.
„Нексо“, која управува со средства од над 11 милијарди долари, ја тужеше Бугарија барајќи 3 милијарди долари за штета на нејзиниот углед, додека во 2023 година плати 45 милиони долари како казна на американските власти за кршење на безбедносните правила.