
ДОМ: Дошница е жртва на владината неодговорност
Зелената партија ДОМ остро реагира на одлуката на Министерството за животна средина да не ја стави реката Дошница под привремена заштита, иако врз нејзиниот слив се планира изградба на две мали хидроцентрали кои ќе ја доведат клисурата до еколошки колапс. ДОМ ја оцени оваа институционална пасивност како политичка одлука за самоуништување на природните богатства и суров удар врз иднината на граѓаните.
Препорачано
„Министерството ги прикрива своите намери зад изговори дека „предлогот не е формално доставен“. Ова е безобразно игнорирање на алармот што дојде од експерти, биолози и невладини организации уште пред еден месец, кога побараа мораториум се’ додека не се заврши Студијата за валоризација на природните вредности. Сезонското пресушување на реката Дошница и најавеното дополнително исушување се директна последица од оваа неодговорност“ соопштија од партијата.
Оттаму бараат веднаш да се воведе мораториум на сите активности поврзани со концесијата, да се затвори пристапот до локациите и да се прогласи привремена заштита на текот и околниот предел, во корист на идното заштитено подрачје „Демиркаписка клисура“. Без тоа, велат дека ендемичните видови, македонските риби и планинските инсекти се на пат кон неповратна деградација.
„Бараме итно изработка и усвојување на елаборат за мониторинг на биолошката разновидност и еколошкиот проток во Дошница, со јавни дебати и независни експерти. Министерството да испрати јасна порака до концесионерот: без зелено светло за заштита, нема ни нови брани. Зелената партија ДОМ нема да молчи пред ова политичко насилство над природата“ порачаа од партијата.
Од ДОМ се заканија дека ако не прекине оваа, според нив, тенденциозна институционална воздржаност, ќе преземат граѓански и правни активности за спас на Дошница од катастрофа.
Министерството за животна средина соопшти дека не може да ја стави реката Дошница под привремена заштита бидејќи предлогот за прогласување на заштитено подрачје на клисурата во Демир Капија не е формално доставен до нив. Барањето за нејзина привремена заштита минатиот месец беше доставено од граѓански организации и експерти, кои побараа мораториум на изградбата на мали хидроцентрали за да не се нанесе штета на подрачјето.
ВИДЕО/ФОТО: Грета Тунберг на блокадата на Кожуф, заигра и оро со нашите активисти