
Доктор од Клиниката за урологија оди на дисциплинска, затоа што врескал и барал обезбедување, додека пациент во количка со карцином чекал преглед
До редакцијата на „Слободен печат“ испратен е видео материјал снимен на државната Клиника за урологија, на кој се гледа како лице во бел мантил, за кој испраќачот тврди дека е специјалист по урологија сосема неприкладно се однесува. Според испраќачот но и тоа што може да се види на видео материјалот, докторот со повишен тон и врискање, сосема бесно и вознемирено барал да се повика обезбедување за пациентот и неговата внука. Пациентот бил во инвалидска количка и боледувал од карцином, но докторот наводно одбивал да го прегледа. На снимката може да се види и вознемирен и вчудоневиден персонал кој стои „закопан“ во место од стресната сцена.
Препорачано
„Слободен печат“ се обрати до директорот на Клиниката за урологија доктор Башким Шабани, кој ни рече дека денеска формирал дисциплинска и етичка комисија затоа што поведението од ваков вид не е дозволливо.
-Формирав етичка и дисциплинска комисија, но изјава од докторот ќе биде земена во текот на утрешниот ден бидејќи денеска не беше во клиниката да ја даде. Изјави ќе дадат и пациентите но и присутните од медицинскиот персонал кој се гледа на видео материјалот. Непријатниот настан се случил вчера изутрината, но мене не ми беше пријавен до 10 часот денеска изутрина. Во секој случај, независно од тоа колку некој има стресен ден, ова е универзитетска клиника и вакво поведение е недозволливо и не му личи на ниеден здравствен работник, ни рече директорот Шабани.
Тој додаде дека пациентот бил прегледан и примен во текот на вчерашниот ден, меѓутоа на тоа според тоа што се гледа на снимката, му претходела непријатната сцена од која се вознемириле и пациентите и медицинскиот кадар што е евидентно и од снимката. „Викајте обезбедување“, се слуша на снимката и се гледа како лице во бела лекарска униформа забрзано чекори во ходникот додека внуката на пациентот со карцином, најсмирено го снима лекарот за да го покаже неговото несоодветно однесување.
-Пациент со четврти стадиум карцином во инвалидска количка е надвор, а докторот не може да го прими, вели жената на видеото.
„Слободен печат“ нема да го објави видео материјалот бидејќи на него е испишано името и презимето на докторот, а ние немаме доказ ниту потврда од болницата дека се работи за тоа лице. Ќе го следиме исходот од дисциплинската постапка и дополнително ќе информираме за истиот.