Фото: EPA-EFE/ARSHAD ARBAB

Доколку се намалат придонесите, фирмите од Северозападна Македонија ќе даваат минимална плата од 500 евра?!

Созреани се условите минималната плата во земјава да биде 500 евра, а членките на Комората на Северозападна Македонија се подготвени и да им ја исплаќаат на своите вработени, ако државата ги намали придонесите од 47,7 на 32 отсто, порача претседателот Менди Ќура

Созреани се условите минималната плата во земјава да биде 500 евра, а членките на Комората на Северозападна Македонија се подготвени и да им ја исплаќаат на своите вработени, ако државата ги намали придонесите од 47,7 на 32 отсто, порача претседателот Менди Ќура. Тој рече дека е невозможно поинаку да се дејствува, бидејќи кај нас придонесите се скалести и се движат и до 52 отсто за исплатената плата од 1.000 евра. Ќура се повика на словенечкиот модел, кој предвидува намалување, а не раст на придонесите паралелно со растот на платите и од вкупниот износ од 42 отсто за највисоките плати се спушта надолу за минималецот.

-Ова е наше старо барање, но државата мора да размисли околу намалувањето на товарот за компаниите. Работниците заслужуваат минимална плата од 500 евра, но и државата треба да ги намали придонесите за неа – додаде Ќура.

СКСЗМ се залага за преквалификација на вработените во јавната администрација, која според Ќура е прегломазна и троши огромен дел од Буџетот, додека бизнис-заедницата која го полни кубури со недостиг на работна сила.

-Бараме да се креира и спроведе стратегија за прераспределба на службениците од јавниот во приватниот сектор, со посебен модел на бонуси и отпремнина за да ги привлечеме административците да ги напуштат своите фотелји. Во тој случај товарот би се поделил меѓу компаниите и државата, сè со цел да се искреира солиден модел за оваа обемна операција – истакна Ќура.

Од оваа Комора бараат ревидирање и операционализација на нов систем за увоз на работна сила од странство, каде што Агенцијата за национална безбедност ќе дава мислење, односно дозвола за нив.

-Во моментов реалниот сектор има потреба од 15.000 работници, додека активни баратели се 97.000 лица. Мора да увезуваме работници, но условите треба да се олеснат. Во 2022-та активното население изнесуваше 808 илјади, а во 2024-та – 795 илјади, забележувајќи намалување од 12 илјади. Има проблеми во сите сектори, а тие дупки мора да се пополнат, ако сакаме продуктивност и економски раст – вели Ќура.

Претседателот на СКСЗМ бара итна интервенција од Владата за да се намали сивата економија, која е на ниво од 35 отсто од БДП, а според различни извори достигнува и до 39 отсто од БДП.

-Во нашето „најдобро сценарио“, сивата економија годишно ја чини државата над 700 милиони евра, додека во „најлошото сценарио“ ја надминува вредноста од 1,7 милијарди евра, како потецијално загубени буџетски приходи – објасни Ќура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот