Доаѓа првиот електричен автомобил од Тојота

Toyota Motor Europe донесе историска одлука новиот целосно електричен автомобил на јапонскиот производител да се произведува за прв пат на европско тло, во чешкиот град Колин. Сериското производство ќе се одвива во фабриката на Toyota Motor Manufacturing Czech Republic (TMMCZ), која е една од клучните упоришта на Тојота во Европа повеќе од две децении.

За да го прилагоди производството на новиот електричен модел, Тојота ќе инвестира приближно 680 милиони евра во проширување и модернизација на фабриката. Површината на фабриката ќе се зголеми од 152.000 на 173.000 квадратни метри, а ќе се изградат и нови работилници за заварување и боење, како и специјална линија за склопување батерии.

Чешката влада ќе го поддржи проектот со дополнителни 64 милиони евра наменети за воспоставување производство на батерии. Иако Тојота сè уште ги чува во тајност деталите за автомобилот што ќе се произведува во Колин, се претпоставува дека ќе биде компактен кросовер – еден од најбараните сегменти на европскиот пазар.

Според досегашните информации, првите сериски примероци се очекуваат во 2028 година. Фабриката во Колин веќе ги произведува Aygo X и Yaris Hybrid, со годишен капацитет од околу 220.000 возила. Воведувањето на електричниот модел отвора можност за зголемено производство, нови работни места и зајакнување на соработката со домашните добавувачи.

Од своето основање во 2002 година, фабриката има произведено повеќе од 4,5 милиони автомобили и денес вработува повеќе од 3.200 работници, што ја прави еден од најголемите работодавци во регионот. Покрај тоа, првиот европски мега логистички центар на Тојота работи во Колин од минатата година, опслужувајќи ги дилерите во Германија, Австрија, Полска, Словачка, Унгарија и Чешка.

Со овој потег, Тојота дополнително ја зајакнува својата позиција на европскиот пазар и јасно сигнализира дека електрификацијата останува главна насока на нејзиниот развој во годините што доаѓаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот