Маркети/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

До 30 април, ќе правиме кајгана со поевтини јајца и ќе пиеме поевтин јогурт

Со одлуката за утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи, референтната цена е онаа од 1 февруари годинава

Одлуките на Владата за ограничување на бруто профитната маржа и за замрзнување на дел од цените на прехранбените производи веќе се објавени во „Службен весник“, а трговците почнаа да ги лепат веќе познатите црвени етикети. Тоа значи дека до 30 април, ќе има поевтинување на повеќе од 1.000 производи. Опфатени се производи од 102 групи. Трговците се должни да имаат најмалку 70 проценти на рафтовите од овие производи. Со одлуката за утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи, референтната цена е онаа од 1 февруари годинава.

– Нашите очекувањата се дека со овие две одлуки цените на основите прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек за околу 10 отсто, освен осумте основни прехранбени производи – млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко за кои се очекува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат или да има минимално намалување – рече заменик-министерот за економија Марјан Ристески.

Согласно владината одлука за ограничување на бруто профитната маржа, на пет проценти е ограничена маржата кај млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселот млеко, на 10 отсто кај месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервирниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините и на 15 проценти кај средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија и слично.

Според Извештајот за работата на Државниот пазарен инспекторат во периодот јули – декември 2024-та, најголем дел од надзорите се вршел согласно Законот за трговија, односно се контролирале одделни производи во трговијата на големо и мало и нивната највисока трговска маржа. Од ноември до декември лани, пак се вршел мониторинг ценит на производите од „Новогодишната кошница“, заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена. Во тој период се издадени 266 казнени налози по Законот за трговија, а 48 по Законот за заштита на потрошувачите. Вкупната казна од 170.000 евра е далеку повисока во однос на првите шест месеци од 2024-та, кога биле напишани казни од само 65.000 евра по законските основи под кои работеа маркетите опфатени со антикризните мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот