Кирил Паковски

ДНК, ИРЛ и Панче

Животот тука или како и да се вика ова будење и легнување заедно со она помеѓу нив е само тоа. Тоа – една вечна партиско-политичка кампања.

„Полна месечина, ти расоблечена, само што спиев јас со шпиун на мојата девојка и сега не сакам и сега не можам јас да се откачам од тебе“.

Ова се некои други стихови од дуото ДНК, кои ќе останат игнорирани по злочинот во Кочани. Ќе останат игнорирани бидејќи тие се прогласени за херои. Херои се бидејќи правеа третокласни тезги во екс-магацини и штали покрај автопати на излез од едвај-гратчиња на периферија во државата. Тезги преку договори на црно со алчни, расипани нуспродукти од луѓе, производ на оваа инцидентна, ексјугословенска, нуспродукт држава. Тезги пред безизлезни средношколци и студенти со пиротехничко шоу, во екс-магацин без излез. Пиротехничко шоу што однесе преку 60 жртви – средношколци, млади, полицаец и еден неуморен работник во итната помош. Херои се бидејќи се враќале назад да ги спасуваат децата.

Тие се денес хероите. А зошто и како се херои?
Го започнав текстот со овој мој, верувам, јасен став околу бендот ДНК, нивната улога во злочинот во таа дискотека на излез од Кочани и нивниот печат како естрадни работници, јавни личности и луѓе. Ако не е јасно, тогаш ќе го напишам многу појасно – херои не се.

Загинатиот полицаец што бил присутен за време на тезгата на ДНК и во чии ингеренции спаѓало затворањето на тој објект, пред некој ден доби биста во полициската станица во Пробиштип. Таа беше свечено отворена неколку денови пред почетокот на локалните избори во присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. На откривањето на бистата, не биле поканети неговата сопруга и семејството.

Така тоа го прават родољубивите Македонци, почитувачи на традиционалните вредности и заштитници на семејството. Оние на браникот на татковината, чесни и трудољубиви, народни луѓе што од длабочината на нивната едноставна душа апелираат да не се злоупотребува трагедијата во Кочани.

Ако не сте сигурни, само проверете ги сите лажни профили на една армија бедни, средовечни мажи – евтини, партиски агитатори со женски имиња зад тие профили. Прашајте ги, ќе ви кажат, сѐ ќе ви кажат – како се прави, за колку пари, какво е чувството, со кој војвода е најдобро итн.

Може да го прашате и господинот Панче ама он е зафатен, спрема магистерска. Да, Панче Тошковски. Не, ве молам, ве молам за пристојност. Ова не е место за тоа, ве молам значи.

Возачот на возилото на Итната помош, кој цела вечер пренесуваше повредени од болницата во Кочани до клиниките во Скопје, оној што почина од срцев удар истата вечер, не доби биста. Биста не доби ниедна од жртвите, нема меморијален центар ни во Скопје ни во Кочани за сите жртви заедно. Сериозно повредените (едвај) живи не добија парична помош. Семејствата не добија никаква помош од државата. Кочани не доби ни минимум од поддршката во и од државата. Зборувам за сите оние што пијуцкаа кафенце на плоштад додека пред нив колона мајки во црно маршираа за своите загинати деца.

Ама ве молам, навистина ве молам, немојте да ја злоупотребувате болката на тие родители.
Да, болката на тие родители, некои таму родители немој да ја злоупотребувате, ставете ја под тепих. Ставете ја под тепих зашто идат локални избори и имаме други приоритети пред нас. Треба да се распределат парите за финансирање на партиите пред избори.

Животот тука или како и да се вика ова будење и легнување заедно со она измеѓу нив е само тоа. Тоа – една вечна партиско-политичка кампања.

Што партиско-политичка кампања, овај, извини, магистерска ќе беше за чесниот Панче Тошковски да заборави да ја покани сопругата на загинатиот полицаец?
Панче апси!

Добро, можеби поканата се изгубила меѓу сите оние пораки од напастени девојки, молејќи за нивниот живот и животот на нивните најблиски, животи што им висат на конец од агресивни сељаци и будали?
А, бе, самаа си го баралаа.

Ве молам, значи ве молам за пристојност.
Пораки се губат цело време. 11 полицајци се приведени.
Така се изгубиле и пораките помеѓу еден инспектор од УЈП со симпатичен прекар – Дацо Жути и оној газдата на дискотеката од Кочани.

Се прашувате што имаше во пораките на Вајбер помеѓу Жутиот инспектор и Деко газдата – во пораките имаше рачен саат. Рачен саат нарачан од Жути, купен од газдата. За раат на дискотеката. Толку вредат животите тука. УЈП мирува, дискотеката работи, ДНК настапува, малолетници се пуштаат, излези се затвораат. За рачен саат.

Толку вреди животот тука. Добро, за сите пресметливи душегрижници – сигурно во другите пораки се и скапа долна облека, коли, станови, вили, летувања, девојки кои носат наслов од една песна на ДНК итн., итн.

Овој тип однесување на Жути, влегува во описот на она што е познато како злоупотреба на службената должност. Звучи просто, но тоа е најголемиот криминал што може да го направите како носител на некоја важна функција во едно цивилизирано, демократско општество.

Злоупотребата на службената должност, поспецифично злоупотреба на службената должност, фалсификати, гласачки нерегуларности и влијание врз избирачкото право беа дел од обвиненијата поврзани со предметот Титаник.
Во предметот Талир има обвинение за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ преку посредни трансакции, анонимни донации и други недозволени форми на обезбедување средства за партија.

Во двата предмета се опфатени ексфункционери на ДПМНЕ, не овие сегашниве – скраја да е, они појма немале за ова. Само прашајте ги. Од овие предмети се иззема сегашната судијка Даниела Димовска, бидејќи, не ве зафркавам, се знаела лично со дел од обвинетите, била често на слави со нив.

Нејзин роднина – веројатно братучед (по алабамска основа) е горенаведениот жут инспектор. Да, тој со саатите.
Не, нема никакви индикации за не дај боже – неправилности. Ве молам за пристојност. Сега навистина ве замолувам за пристојност. Да не ја злоупотребуваме болката на роднините. Ве молам.

Впрочем, со европско знаменце (тоа е кога по брз пат во Собрание се носи закон што за доброто на граѓаните треба да нè доближи до европските регулативи), се избриша еден член од Кривичниот законик. Со тој член се регулира, погодете кое – злоупотреба на службената должност. Со бришење на тој член, се избришаа злоупотребите на една армија криминалци – јавни функционери, меѓу кои на оној господинот Бате Саше од Монте Карло и неговиот братучед – боксерот избеглица во Будимпешта.

Членот го избришаа оние од СДС во време на Ковачевски. Прц комуњари. Рекордно мало членство во партија. Којзнае зошто? – потчинетоста под ДУИ е очигледно само еден сегмент од тоа. Ковачевски белјата ја направи и го снема, го спаси мржњата кон Заев од целата нација.

Жутиот и Дани се слободни. Живи.
Се прашувам кои христијански слави ќе ги слават оваа година?
Дали има метален вкус руската салата?
Дали имаат деца?
Го носи ли Жути уште тој саат?
Чука ли уште библискиот, православен часовник?

(Авторот е молекуларен биолог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот