Јован Мицкоски со својот татко Христијан Мицкоски во САД/Фото: Фејсбук

ДКСК: Синот на премиерот не трошел државни пари за патувањето и престојот во САД, не бил дел од државната делегација

Антикорупциската комисија на денешната седница ја запре постапката поведена по сопствена иницијатива на 16 јули годинава околу патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски со него во САД, во Вашингтон на Самитот на НАТО и во Њујорк поради сомневања дека 18-годишното момче патувало на државна сметка заедно со официјалната државна делегација.

Зоран Богоевски, член на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) кој реферираше за предметот, поканата од Вашингтон за присуство на македонската државна делегација на Самитот во НАТО во периодот од 9 до 11 јули годинава, е добиена на 10 јуни, по што било одлучено во САД да патува делегација од 21 лице, предводена од премиерот и во која имало претставници од кабинетот, МНР, МВР и Министерството за одбрана, како и од македонската амбасада во Вашингтон и од постојаната делегација во НАТО.

По завршувањето на самитот само 10 члена од оваа делегација останале во САД и заминале во работна посета Њујорк, а останатите се вратиле во државата.

– Според документацијата, резервациите на авиобилетите биле извршени со посредство на Службата за општи и заеднички работи на Владата, а по барање на Канцеларијата на претседателот и министерствата кои имале свои претставници во официјалната делегација. Резервацијата се однесува на лицата наведени во спосокот на учесници во официјалната делегација, вкупно 21 лице. Во овој список на лица не е наведно името на синот на претсетелот на Владата, односно за него не се резервирани билети преку СОЗР. За наведеното лице доставени се авиобилети за реализирано патување на реалација Скопје – Вашингтон и Њујорк – Скопје за чие плаќање се приложени фискални сметки од извршена исплата во готово – рече Богоевски.

Тој додаде дека е доставена документација која се однесува на хотелско сместување на лицата од делегацијата, наведни со име и презиме.

– Документацијата се однесува на хотелско сместување во Вашингтон и во Њујорк. Во однос на сместувањето на синот на премиерот доставени се две фактури кои гласат на име на физичкото лице за хотелско сместување во Вашингтон од 6 до 11 јули, и за сместување во Њујорк. На фактурите стои печат „пејд“ како потврда дека истите се платени. Од приложените фактури се констатира дека ова лице не престојувало во хотелите кадешто била сместена државната делегација туку во апартманско сместување и истите не се фактурирани на име на делегацијата на РСМ како што е случајот со сместувањето на државната делегација. Тие фактури гласат на име на физичко лице – рече Боговски.

Во документацијата доставена до ДКСК било наведено дека синот на премиерот не бил дел од државната делегација на самиот на НАТО и не присуствувал на ниту еден официјален состанок или средба која се одржала во рамките на НАТО самитот туку единствено присуствувал на предавањето на кое го одржал неговиот татко, претседателот на Владата на РСМ на Универзитетот Џонс Хопкинс, а по претходно упатена покана од страна на Универзитетот.

Токму и фотографијата која беше објавена на социјалните мрежи на која се гледа Јован Мицкоски, синот на премиерот во друштво на својот татко, министерот за надворешни работи и надворешена трговија Тимчо Муцунски и американскиот аналитичар Едвард Џозеф е направена во универзитетскиот кампус.

ДКСК со увид во документацијата утврди дека наводите не се потврдуваат и нема елементи за натамошно постапување по оформената пријава.

– ДКСК по извршената проверка не утврди прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, односно не утврди користење на буџетски средства за приватни цели, нагласи Богоевски по што Комисијата гласаше да се запре постапката, бидејќи нема елементи за натамношно постапување, па се затвора и се архивира – рече Богоевски.

Антикорупциска денеска ја прифати пријавата на Бизнис Конфедерација на Северна Македонија – Скопје за упис во Регистарот на лобисти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот