Директорот на Геријатрија што е во притвор, за 100 евра ја зголемил цената за пациентите

Приведениот директор на Клиниката за геријатрија Мухсин Арифи неодамна почнал да ги известува писмено семејствата на хоспитализираните пациенти дека Управниот одбор на клиниката со одлука ги покачува цените за сместување и исхрана за пациентите сместени во болницата. Од први април годинава, односно од пред десетина дена, таа наместо досегашните 670 денари, се зголемила на 860 денари на ден, а за корисниците сместени во објектот „Мајка Тереза“ цената се зголемила на 850 денари. За период од 30 дена, тоа е зголемување од 100 евра.

„Ве известуваме дека Управниот одбор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноевмри Скопје на 25 февруари 2025 година со одлука ја измени цената на услугите за општа нега, сместување и исхрана за пациентите сместени во „13 Ноември“ и во објектот „Мајка Тереза“, пишува во известувањето што го добиле семејствата на хоспитализираните.

Одлуката стапила на сила од 1 април, а директорот во известувањето на семејствата им напоменал дека во договорот што го склучиле со болницата, во членот 5 е наведено дека „давателот го задржува правото да врши измена во цената на здравствената услуга“.

Читател на „Слободен печат“ кој ни ја испрати одлуката тврди дека се работи за огромно зголемување на цената за престој во ЈЗУ Геријатрија и Домот за стари лица „Мајка Тереза“ од 30 отсто.

Претходното зголемување беше лани во јули од 610 на 660 денари од ден, а сега по само десет месеци цената е зголемена за 200 денари од ден. Случајно или не, разликата во месечната цена за престој во Домот, каде што се сместени лица од социјална категорија, е речиси иста на линеарното зголемување на пензиите во два наврати, вели нашиот извор.

Клиниката за Геријатрија ја тресе мега-скандал, а директорот Арифи од вчера е во 30-дневен притвор. Пред два дена во просториите на болницата, полициски екипи го приведоа директорот Мухсин Арифи заедно со неговиот соработник вработен неодамна со договор на дело како негувател. Причината за приведувањето е истрага против Арифи и негувателот, дека заеднички примиле поткуп за да сместат 42-годишна пациентка во Геријатрија на подолг период. Се работело за неподвижна и немоќна пациентка којашто од 2021 година нема родители бидејќи починале во ковид-пандемијата, па затоа имала давателка на доживотна издршка.

Токму давателката на доживотна издршка била таа од која двајцата осомничени, директорот и негувателот го побарале митото за хоспитализација на пациентката. Пациентката претходно била хоспитализирана на Клиниката за неврологија од каде била примена на Геријатрија. Пред приемот, пациентката во Геријатрија била ставена на долгата листа на чекање на која секогаш има барем 100 луѓе. Со години државата ги нема зголемено здравствените капацитети за палијативна нега што става многу семејства и пациенти во безизлезна состојба и ги изложува на огромни финансиски трошења.

Според Обвинителството, негувателот бил тој што ѝ се јавил на давателката на издршка на пациентката и ѝ закажал средба со директорот Мухсин Арифи, навечер, во кафуле. Според Обвинителството, директорот таму дошол „спремен“ со сознанија.

На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува,  па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра.

Жената сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.

На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот,  како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени.

Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот, тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра, информираше вчера Обвинителството.

Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.

Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева вчера за „Сител“ изјави дека истрагата за предметот била кратка и динамична, меѓутоа доказите според мислење на Обвинителството се со посериозен доказен капацитет и оттука сомневањето го чинат повисоко.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот