Бојан Христовски / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Директорот на АНБ за „Слободен печат“: Не учествував во процесот на проверка за НАТО-сертификатот

Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации е институцијата која го води процесот и го издава сертификатот, а јас лично во ниту една фаза не сум учествувал во процесот на проверка, вели директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски кој неодамна доби НАТО-сертификат иако се спореа неговиот сертификат по англиски јазик, како и дипломата за завршен економски факултет на Универзитетот Скопје.

– За сите постапки поврзани со НАТО безбедносните сертификати, како за мене, така и за сите останати лица, надлежна институција е ДБКИ (Дирекција за безбедност на класифицирани информации) како институција која го води процесот и го издава сертификатот. Ве информирам дека јас лично не сум учествувал во ниту една фаза од процесот на проверка. Воедно напоменувам дека од НАТО е добиено позитивното мислење за сертификатот кој ми беше издаден од посочената ДБКИ. Тоа е факт кој може да се провери – вели Христовски во изјава за „Слободен печат“.

Тој дополни дека проблематиката за безбедносни сертификати е специфична стручна област која непотребно медиумски се популаризира.

– Безбедносните сертификати не се право, туку се привилегија за лицата за кои е утврдено дека не постојат безбедносни пречки да ракуваат со класифицирани информации во сопственост на државата или Алијансата. Затоа мислам дека за вакви прашања во општеството може да се дебатира, но врз основа на факти, а не шпекулации. Доколку постоел и најмал сомнеж за безбедносен ризик во процесот за издавање на НАТО безбедносниот сертификат од страна на НАТО и од другите вклучени институции во процесот, истиот немаше да ми биде издаден од страна на ДБКИ – нагласи Христовски.

Универзтитетскиот професор и експерт за безбедност, Методи Хаџи Јанев во изјава за „Слободен печат“ изјави дека проверките за издавање на НАТО сертификат се прават во земјата членка на Алијансата односно ја прават домашните безбедносните институции.

Проверките за издавање на НАТО сертификат ги прават домашните институции, вели Хаџи Јанев

Како што анализира Хаџи Јанев НАТО прави проверки, но само за исклучително внатрешни потреби.

-Не е исклучено да даде забелешка, ама тоа е ретко и во екстремни случаи. Сите забелешки кај нас се од дома, на домашен предлог на многу бледи докази. НАТО е само чадор кој има свои стандарди да, ама во голем дел одржливоста на тие стандарди е на земјите членки. Бидејќи се претпоставува дека во текот на пристапните процеси земјата ги исполнила клучните аспекти на демократско владеење и се усогласила со идеолошката рамка, и матрица на која работи НАТО. Улогата на НАТО не е да го осигурува внатрешниот полички тек туку да се фокусира на тоа дали земјата ги исполнила одбранбените стандарди, објаснува Хаџи Јанев.

Токму овој момент дека безбедносната проверка не ја прави НАТО, туку домашните институции, конкретно Агенцијата која ја води Христовски ја спореше опозициската СДСМ.

– Постапката е јасно дефинирана. Институцијата каде што работи лицето доставува барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, по што се спроведуваат потребните проверки. А тие проверки за цивилни лица ги спроведуваат АНБ и МВР, а не НАТО. Значи во случајот со Бојан Христовски, токму АНБ, каде што тој е именуван за директор, поднела барање и токму АНБ спровела безбедноста проверка на својот директор. Ова ја открива целата манипулација на власта – изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

СДСМ: Христовски нема сертификат од НАТО, тоа е уште една лага на власта

Околу именувањето на Христовски за директор на АНБ, како што посочи таа, сè уште постојат неодговорени прашања, од валидноста на неговата факултетска диплома, преку добивањето на сертификатот за пристап до податоци кои ја носат ознаката „државна тајна“, до она за ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англискиот јазик.

– Христовски беше именуван за директор на АНБ без соодветен безбедносен сертификат од ниво „државна тајна“. Согласно член 10 став 1 од Законот за АНБ, безбедносниот сертификат е услов за да биде именуван за директор. Сè уште е отворено прашањето и за сертификатот за англиски јазик од Пловдив Бугарија од непосточека агенција. Отворено е и прашањето за валидноста на дипломата на Христовски. Одлуката на ДКСК е целосно компромитирана и затоа Јавното обвинителство не смее уште да молчи. ДПМНЕ создава паравласт, ги крши законите за да ги партизира безбедносните институции. СДСМ ќе продолжи да инсистира на целосна транспарентност и правна разрешница за овој случај – додаде и праша зошто власта толку ревносно го штити Христовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот