Лидија Димова / Еразмус / Фото колаж на СП

Димова во завршни зборови – СДСМ ме казни за мојата непослушност, а ВМРО-ДПМНЕ ме искористи како жртвено јагне

Судот да го одбере патот на правдата, независно од политичките притисоци, интереси и тенденции. Во името на сите оние млади луѓе што останаа и оние што се иселија, ве молам донесете пресуда што ќе ја потврди вистинската правда и ќе го заштити интегритетот на нашите институции, побара во завршните зборови пред Судот поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова која се гони за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама“ на штета на средства на Европската заедница. Нејзината одбрана пак побара Судот да донесе ослободителна пресуда.

По неколку години судење и истрага Димова во завршницата пред пресудата сакаше да испрати порака дека таа е жртва на политички игри, додека оние кои ги злоупотребиле европските 2,2 милиони евра кои државата веќе ги врати не се гонат.

– Доказите се јасни. Извештајот на ОЛАФ потврдува дека злоупотребените €2,2 милиони беа вратени и идентикфикува поранешни вработени на Националната агенција кои добивале доверливи податоци за корисниците. Истрагата на ОЛАФ утврди дека поранешни вработени во Националната агенција кои станаа консултанти се стекнаа со доверливи податоци од надворешни евалуатори, како и информации во кои детално се наведени имињата, контактите и ПИК-броевите на корисниците на Еразмус+“. Брисел ги истражи случаите и јасно ги посочи носителите на шемите – токму истите шеми и истите службени лица овде беа прикажани како „добра практика“. Наместо да се гонат организаторите што предизвикаа реална штета од 2,2 милиони евра, полесно е јас да бидам осудена. Но, пораката што се испраќа до идните укажувачи е „Не пријавувај корупција, за да не настрадаш“ – рече Димова.

Според неа, за да биде иронијата поголема станала боксерска вреќа на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

– СДСМ мораше да ја казни мојата непослушност зашто се спротивставив на партиското раководство кое бараше да ја повлечам кривичната пријава и да го исплатам другарот на Нола Исмаиловска, инаку првопријавен во кривичната пријава за злоупотребата на 2,2 милиони од Еразмус+ што државата ги врати лани. А ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, ме искористи како жртвено јагне за да го одвлече вниманието од нивната сопствена улога во оваа измама – порача Димова.

Таа порача дека Агенцијата во нејзино време ниту финансирала тренинг на магариња, не одобрила грантови за фризерница, Фрчковски не добил пари, братот на пратеникот на СДСМ не се офајдил од „Еразмус плус“, а ниту сопственикот на фризерницата некогаш бил член на СДСМ.

– Вистинското прашање е, зошто повторно „воскреснаа“ проекти што се постари од 5 години додека работата на новата директорка останува незабележана? Зошто никој не ја известува јавноста дека сите, божем, „скандалозни“ проекти финансирани од програмата Еразмус+ беа под лупата на ОЛАФ и никакви наоди не беа изречени, дури и фамозниот проект за тренираните магариња доби награда од Еразмус+ следната година! Зошто никој не известува дека истрагата на ОЛАФ покажа дека ЕУ не само што нема никакви докази за злоупотреба направена од моја страна, туку нема ни побарувања заради погрешно потрошени средства. Зошто никој не ја известува јавноста дека ОЛАФ утврди системска измама благодарение на мојата кривична пријава во 2019 година поради што поврати €2,2 милион. Зошто никој не кажува дека Националната агенција е под сериозен мониторинг од Брисел и дека може да и се одземе акредитацијата ако не спроведе реформи наскоро и ако Обвинителството не го процесуира случајот кој е во предистрага уште од 2019 година? Зошто не се кажува дека власта не сака да ги казни „криминалците од кариера“ кои повеќепати се офајдиле од европските образовни и младински програми како послушни и лојални партиски војници што ги слушаат налозите на партиите! Зошто никој не кажува дека по вторпат враќаме средства во Брисел поради истите лица – не поради мене! Можам до бесконечност да поставувам вакви прашања… но јавноста и натаму ќе остане глува ако вие – правосудството – не донесете вистинска пресуда! – порача таа.

Според неа, најголема нејасностија е надлежноста на Националната агенција, односно тоа што според Обвинителството предност има националното право, а не европското, односно таа тврди дека Агенцијата морала да се води според правилата од Брисел.

-Обвинителството не води сметка за фактот дека Националната агенција има таканаречена „делегирана надлежност“, што значи дека некои задачи и одговорности службено се пренесени на Агенцијата од страна на Европската комисија. НА е акредитирана да ги спроведува овие задачи и какво било непостапување или погрешно постапување може да испрати сигнал во Брисел дека акредитацијата не е функционална, и да доведе до суспензија, како што беше случајот со НА во 2010 година. Тоа значи дека кога НА треба да донесува „тешки одлуки“ – а тоа се оние кои не се експлицитно дефинирани со националното законодавство – приоритет треба да му се даде на она со најголем интерес за програмата Еразмус плус – додаде Димова.

Таа се товари за две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластувања и измама на штета на средствата на Европската заедница. Според обвинителството, Димова работела спротивно на Законот за јавни набавки и на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност при склучување на договори со соработници, експерти и обучувачи.

Но, додека и се судеше на Димова истрагата на ОЛАФ фрли ново светло на случајот со злоупотреба на европските пари, па бараше државата да врати 2,2 милиони евра европски пари што биле злоупотребени, но не од Димова, туку од други лица, за оние за кои кривична пријава поднесе самата Димова.

Државата ги врати парите, а за кривичната пријава поднесена уште во 2019 година, Обвинителството уште нема донесено јавнообвинителска одлука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!