
Димитровски во Софија: „И да нема нови барања од Бугарија, проблем се веќе поставените“
Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права, уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот не претставуваат проблем, рече заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски во Софија, каде учествуваше на форумот “ЕУ го среќава Балканот”, во организација на Атлантскиот клуб од Бугарија и АЛДЕ групацијата од Европскиот парламент.
Препорачано
Она што предизвикува грижа, вели Димитровски, е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите.
„Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес, рече Димитровски.
Тој потсети дека со Хрватска заедно ја започнавме европската интеграција, но дека Хрватска стана членка, а ние не.
„Го променивме името на земјата – билатерален критеријум, моравме да се откажеме од многу важни атрибути на нашиот идентитет, но сепак не сме во ЕУ. Сè уште постојат билатерални критериуми. Многу ми е драго што г-ѓа Јотова рече дека нема да има дополнителни критериуми и барања од Бугарија, но проблемот е веќе поставените барања”, рече Димитровски.
Претходно бугарската потпретседателката Илијана Јотова рече дека Бугарија не поставува дополнителни услови за членството на Македонија во ЕУ.