
Димитриеска Кочоска е во Загреб на дискусија за јакнење на националните пазари на капитал во регионот
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, зема учество во панел дискусија на министри за финансии и економија, како и претставници на институции од државите од Централна и Југоисточна Европа.
Препорачано
Дискусијата на тема „Зајакнување на националните пазари на капитал преку заеднички иницијативи и соработка“ се одржа во склоп на иницијативата на Министерството за финансии на Хрватска за потпишување на Меморандум за разбирање за соработка за развој на пазарот на капитал помеѓу Хрватска, Бугарија, Унгарија, РС Македонија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.
„Силно верувам дека за две до три години ќе ги видиме бенефитите кои нашиот бизнис сектор и нашите компании ќе ги добијат од овој Меморандум. Доаѓам од приватниот сектор и добро знам колку е тешко за една компанија да ја убеди банката дека нејзината идеја или иновација е доволно сериозна за да успее. Во такви услови, пазарот на капитал е единствениот начин компаниите побрзо да растат и да го реализираат својот потенцијал”, рече Димитриеска Кочоска.
Таа додаде дека интеграцијата им овозможува на нашите компании, особено на малите и средните претпријатија кои се столбот на економијата, да добијат поголем број инвеститори, различни извори на капитал и нови прекугранични партнерства.
„Нашиот домашен пазар е релативно мал и ограничен во ликвидноста. Затоа, преку оваа иницијатива ја отвораме вратата за многу поширок пазар и посилни можности за финансирање. Но, ова не е само прашање на финансии, туку и на доверба и кредибилитет. Со интеграцијата се доближуваме до европските стандарди, ја засилуваме транспарентноста, предвидливоста и довербата кај инвеститорите. Тоа е суштински предуслов за поголеми инвестиции”, рече министерката.