
ДИК: Неприфатливи се нападите и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада
Тие соопштија дека за овие случувања ја известиле и амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР Џилијан Стрик
Државната изборна комисија (ДИК) е загрижена од изјавите на политички партии и носители на високи владини функции, кои се однесуваат на работата на ДИК во врска со постапувањето по приговорите за парламентарните избори. Оттаму велат дека следејќи го контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, исто така се загрижени и дека е можно истите да преминат и во лични напади.
Препорачано
– Ве известуваме дека покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите, сме изложени и на неосновани и непримерни јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК – се вели во соопштението од ДИК.
Од Комисијата додаваат дека тие целосно професионално, транспарентно и врз основа на закон ги спровеле изборите, а тоа го потврдиле и сите домашни и меѓународни фактори.
– Исто така и покрај сите непријатности кои ги имаме, сепак со највисок степен на интегритет врз основа на јавна проверка на изборниот материјал ДИК ги утврди фактите и одлучуваше по приговори поднесени од различни учесници за 110 избирачки места, од кои врз основа на образложени докази усвои приговори за само 7 избирачки места за кои имаше правен основ, додека сите останати 103 избирачки места, беа одбиени како неосновани и за нив немаше поднесено тужби ниту еден учесник на изборите – додаваат од ДИК.
Според тоа, за ДИК се неприфатливи и недопуштени нападите, притисоците и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури, како и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд.
Тие соопштија дека за овие случувања ја известиле и амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР Џилијан Стрик.
„Европски фронт“ ќе ги обжали донесените одлуки за приговорите
Коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ поднесе тужби до Управниот суд против решенијата на ДИК за парламентарните избори.
Од Европски фронт деновиве обвинуваа за изборен инженеринг, односно дека Државната изборна комисија прави обид да им се одземат еден до два пратенички мандати.
И премиерот на техничката Влада, Талат Џафери вчера ги повика сите институции да постапуваат согласно закон без партиски директиви од која било страна.
– Како премиер на Владата на Република Северна Македонија и одговорен за успешноста на изборниот процес на претседателските и парламентарните избори имам добиено извештај од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инженеринг со вонинституционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во ДИК во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците на изборите, рече Џафери на прес-конференцијата во Владата.