Фото: Архива на „Слободен печат“

Девет години затвор за возачот од Битола кој прегази и уби велосипедистка, судијката ја соопштила пресудата во лифт

Основниот суд Битола денеска ја соопшти пресудата за обвинетиот Димитар Петрески, кој пред речиси две години, ја прегази и ја усмрти Анета Цветкоска, мајка на две малолетни деца, по што избега од местото на несреќата.

Петрески, полицаец кој во моментот на трагичниот инцидент не бил на должност, е осуден на девет години затвор.

Осудениот со приватно возило удрил во жената, која била застаната надвор од патот со велосипед, а по ударот веднаш го напуштил местото на несреќата, за подоцна неговиот татко лажно да се пријави дека тој ја возел колата. Но, полицијата утврдила дека пријавата е лажна, по што бил уапсен Димитар Петрески. Тој за време на судскиот процес, во кој во случајот се сменија четворица судии, речиси две години не признавал вина и барал преквалификација на поблаго дело.

Во изјава за порталот „24Инфо“, Александар, сопругот на загинатата Анета Цветкоска, рече дека осудениот полицаец пред несреќата бил четири часа во кафеана. Тој повеќе од 24 часа бил недостапен за полицијата, па не можело да му се направи алкотест, за во судница подоцна да изјави дека четири часа пиел вода, вели Александар Цветкоски.

Сопругот Александар Цветкоски вели дека останал запрепастен кога судијката Цветанка Никодиноска го сретнала во лифтот од судот и го запрашала зошто е дојден кога пресудата веќе била донесена и немал потреба да доаѓа, иако во судот имало закажано рочиште за читање на пресудата. Судијката му ја соопштила во лифтот, усно, а ниту семејството, ниту нивниот правен застапник немаат добиено писмена пресуда, ниту пак знае за кое дело колку години затвор досудил Судот.

„На прашањето во лифтот: За каде сте, јас реков на 4-ти, за кај Вас и таа ме погледна и рече: „А, да, за кај мене“, ме погледна и рече: „Девет години, тоа е“. Викам, како девет години? „Девет години, толку е затвор осуден“. Викам: Не ве разбирам.„Тоа е тоа, нема што, тоа е“. Ѝ реков, ние идеме денеска, зедовме ден од работа за соопштување на одлуката. „Нема соопштување, нема потреба никој да иде, еве сега јас Ви соопштувам“. Јас бев во голем шок. Пред да излеземе од лифтот ѝ кажав на судијката дека подобар момент и подобро време за соопштување на таква одлука отколку во лифт не можела да одбере“, изјави Цветкоски за „Канал 5“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот