
Десетгодишната инфлација ни „изела“ 11 хамбургери
Од 2013 до 2023 година, овој сендвич поскапел за дури 81 отсто со оглед на фактот дека во 2013 година неговата просечна цена била 89,7 денари, а во 2023 година за него сме плаќале во просек по 162,7 денари. Најмало поскапување во овој десетгодишен период е забележано кај бензинот евросупер БС 95 и тоа од само 2 отсто, а тоа на возачите им донело плус 184 литри
Десетгодишната инфлација „изела“ 11 хамбургери, покажува најновото издание на публикацијата Макстат избор на Државниот завод за статистика. Имено, од 2013 до 2023 година, овој сендвич поскапел за дури 81 отсто со оглед на фактот дека во 2013 година, неговата просечна цена била 89,7 денари, а во 2023 година за него сме плаќале во просек по 162,7 денари. Ако пред 2000 година хамбургерите беа перципирани од сите како храна за пошироката јавност, денес тие сè повеќе стануваат луксуз за повеќето граѓани.
Препорачано
Со поскапувањата на овој вид сендвич, тие сега се продаваат од 150 на 300 денари, а во некои од полуксузните ресторани нивната цена се движи и до 750 денари. Инаку, според ланската анализа на порталот Фактор, „Пласет – донер и бургер“ и „Сендвичарница – 7“ од Скопје биле најголемите и најуспешните индустрии за брза храна во Македонија по остварена добивка за 2023 година. Двата „производитела“ на хамбургери се ривали во конкуренцијата, бидејќи таа година имале идентичен профит, покажува оваа анализи.
На третото место по остварена добивка бил „Ројал филандре“, компанијата што го има „Ројал бургер“ во Скопје.
Во пет најпопуларни сендвичарници биле и „Кан интернатионал“ и „Таб лимитед“, кои сепак 2023 година ја прикажале со загуба.
Инаку, според статистичката публикација, големо поскапување е забележано и кај лебот од типот 500, па така во овие десетина години, неговата цена се зголемила за 52 отсто, но од друга страна, со една просечна плата во овој период сме можеле да купиме 55 векни леб повеќе. Шеќерот во овој десетгодишен период поскапел за 45 отсто, но со просечната плата можело да се купат 102 килограм повеќе.
Цената на едно пакување јајца од десет парчиња забележала поскапување од 20 отсто, но со просечната плата сме можеле да купиме 1.048 парчиња јајца повеќе. Минимално поскапување од 14 отсто во периодот од 2013 до 2023 година е регистрирано и кај маслото за јадење, а разликата е во плус за 139 литри повеќе. Најмало поскапување во овој десетгодишен период е забележано кај бензинот евросупер БС 95 и тоа од само 2 отсто, а тоа на возачите им донело плус 184 литри. Последната анализа на веб-страницата Глобалпетрол прајсиј покажа дека во моментот Македонците возат најевтин бензин во регионот. Според податоците објавени на Глобалпетрол прајсис за април 2025 година, актуелната цена на бензинот во земјава е 71,50 денари за литар или 1,17 евра и е ажурирана на 21 април.
Инаку, во 2022 година, финалната потрошувачка на домаќинствата била највисока за храна и безалкохолни пијалаци (31 отсто), по што следува потрошувачката за бруто-станарина, вода, електрична енергија и други горива (24,6 отсто) и за сообраќај (9,5 отсто).