Десет работи кои би требало да ги знаат сите Македонци

Називот старословенски јазик e општоприфатен од целиот словенски и славистички свет, освен од Бугарите кои старословенскиот го нарекуваат старобугарски.

  1. Старословенскиот јазик е првиот писмен литературен јазик за сите Словени на кој солуњаните Кирил и Методиј ги превеле од грчки првите црковни книги.
  2. Првото писмо на кое е запишан старословенскиот јазик е глаголицата, што претставува авторско дело на свети Кирил (световно име Константин).
  3. Во основата на старословенскиот јазик се наоѓаат МАКЕДОНСКИТЕ говори од три села во околината на Солун: Сухо, Висока и Зарова. Ова го откриле Словенецот Ватрослав Облак и неговиот учител Хрватот Ватрослав Јагиќ (кон крајот на 19 и почетокот на 20 век), со што ја поставиле основата на МАКЕДОНСКАТА ТЕОРИЈА за основата на старословенскиот јазик, којашто е општоприфатена во целиот славистички научен свет. Од теренските истражувања во околината на Солун, Ватрослав Облак ја издава книгата „Македонски студии“.
  4. Називот СТАРОСЛОВЕНСКИ ЈАЗИК e општоприфатен од целиот словенски и славистички свет, освен од Бугарите кои старословенскиот го нарекуваат старобугарски. Првиот период од развојот на старословенскиот јазик (9-11 век) во науката се нарекува канонски период (тоа значи дека во овој период Словените многу доследно се држеле до поставените основи на јазикот на Кирил и Методиј), по што од 12 век настапува т.н. црковнословенски период, во кој се јавуваат варијантите (редакциите) на црковнословенскиот кај одделните словенски народи: македонска, бугарска, српска, чешка, руска итн. Познатиот француски лингвист Андре Вајан во книгата „Manuel du vieux slave“, ги употребува термините старомакедонски и старобугарски за да ја означи разликата во јазикот на најстарата словенска писменост во Македонија и во Бугарија. „Разликите меѓу старомакедонскиот и старобугарскиот се лежерни, но пак осетни; тие се јавуваат особено во речникот, но исто така и во граматиката. Тие се покажуваат во случаите кога имаме ист текст во двете верзии: Евангелието и Евангелистарот на Сава, хомелијата од Епифана дадена во Клоцовиот и во Супрасалскиот зборник“ (види: Блаже Конески: Граматика на македонскиот јазик, Детска радост, Скопје, 1999, стр. 13).
  5. Старословенскиот јазик бил создаден со цел ширење на христијанството на словенски јазик по иницијатива на моравскиот кнез Ростислав, кој му упатил молба на византискиот цар Михаил Трети со барање да му испрати мисионери кои ќе го шират христијанството на словенски јазик.
  6. Папата Адријан Втори во Рим ги посветил црковните книги на Кирил и на Методиј, со што старословенскиот јазик се вброил меѓу светите јазици на кои дотогаш се ширело христијанството: хебрејскиот, грчкиот и латинскиот.
  7. По смртта на Методија, учениците на Кирил и Методиј биле прогнати од Моравија од германскиот и од латинскиот свештенички клер. Еден дел од учениците преку Венеција тргнале и го населиле јадранскиот брег на потегот од Далмација до Истра, каде што глаголицата била во употреба до 17 век. Во Хрватска глаголицата е аглеста поради аглестиот карактер на глаголските букви. Друг дел од учениците, меѓу кои биле Климент и Наум, преку Белград стасале во Плиска кај бугарскиот кнез Борис. Во Плиска, под влијание на Византијците, наголемо се заговарало ревизија на преводите на црковните книги од страна на Кирил и Методиј, како и замена на глаголицата со кирилица, затоа што наводно глаголицата според нив „не била удобна за пишување“. За да се спроведат овие „нешта“, оваа задача му била понудена на најдаровитиот ученик на Кирил и Методиј – Климент, кој како голем почитувач на делото на своите првоучители го одбил Бориса. „Најревносниот за Кириловото глаголичко писмо и дело, св. Климент, сигурно му се спротивставил и порано на кнезот Борис, заради што бил отстранет од престолнината. Со оглед на сето тоа, тешко може да се допушти дека меѓу него и кнезот Борис спонтано дошло до некаков доброволен договор и однапред обмислен план за негово испраќање во Македонија. Но Борис, како опитен и далековид дипломат, не го отфрлил Климента, а му дал услови за работа, само во зафрлен, провинциски крај, далеку од престолнината. (Види кај: Петар Хр. Илиевски: Појава и развој на писмото – со посебен осврт кон почетоците на словенската писменост, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2001, стр. 250).
  8. На голем народен собор во 893 година, 30 години по почетокот на Моравската мисија во 863 година, во Бугарија е направена промената на глаголските букви со кирилиски.
  9. Како „прогонети“ Климент и Наум во Охрид ја продолжуваат дејноста на своите првоучители на ГЛАГОЛИЦА (обла поради облестиот изглед на глаголските букви) која на македонска почва живее до крајот на 11 и почетокот на 12 век.
  10. Најстарите глаголски евангелија – Маринско, Зографско и Асеманово потекнуваат од Охридскиот книжевен центар, чиј основач е Климент Охридски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот