Меѓународен аеродром Скопје (фото: ТАВ Македонија)

Десет идни пилоти ќе посетуваат обука за дозвола за летечки операции

Десет лица ќе се стекнат со дозвола од областа на летечките операции со обука кофинансирана од државата преку Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ). Уверенијата на 10-те кандидати за пилоти денеска им ги врачија вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорот на АЦВ Драги Стојаноски.

АЦВ на 1 јули објави јавен повик за кофинансирање до 50 проценти на обуки за 27 лица, по што следуваше тестирање на кандидатите. Уверенија за кандидати за приватен пилот на авион PPL-A SEP land добија седум лица, за пилот на ултралесни воздухоплови (ULPL) две лица, а за пилот на едрилица по програма со аерозапрега (SPL) едно.

Министерот Николоски и директотот Стојановски изјавија дека обуките се во насока на надминување на состојбата со сериозен недостаток на воздухопловен персонал. Станува збор за основни обуки, а АЦВ најавува повик и за напредни обуки со што, како што изјави Николоски, би се произвел воздухопловен кадар што ќе се вклучи и во државните ресурси и во приватниот сектор.

-Продолжуваме со поддршката, процесот е отворен и транспарентен, се надевам дека на идниот повик ќе има уште поголем интерес – изјави Николоски.

Дел од обуките се основа за натамошен професионален развој и градење професионална пилотска кариера, а дел се од областа на воздухопловно спортски активности како стимул за досегашните високи резултати постигнати од поединци, тимови и репрезентацијата на европски и светски натпревари. Целта на проектот, посочуваат, е и да ги раздвижи и обнови активностите во аеро клубовите и спортските аеродроми кои соочувајќи се со финансиски проблеми, нерешени имотно-правни односи, без помош од државата – полека замираат, а кои во минатото беа основата за создавање на персонал кој подоцна го користеле и Министерството за одбрана, воздухопловните единици на МВР, СОЗР, ДЗС – пилоти на АТ 802А Fire Boss, како и Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот