Хаварисани возила/Фото: Архива на Слободен печат

Депото на ПОЦ премало да ги собере сите хаварисани возила, се бара нова локација

Досега се отстранети околу 40 возила кои завршиле на отпад, граѓаните ги пријавуваат своите хаварисани возила, но се јавуваат и граѓани што пријавуваат хаварисани и напуштени возила за кои не се знае нивната сопственост.

Околу 40 стари хаварисани возила се отстранети од јавните површини низ општината Центар за една година откако започна акцијата „Да го исчистиме Центар од хаварисани возила“ со поттикнување на сопствениците сами да си ги пријават своите автомобили што повеќе не се во функција или старите приколки.

Интересната акција што ја спроведува ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ во обид да се ослободат паркиралиштата и тротоарите од неупотребливите возила што зафаќаат слободни паркинг-места, подразбира хаварисаните автомобили да бидат бесплатно подигнати и да се продаваат како старо железо, а парите да му бидат дадени на сопственикот. Доволно е тој само претходно да се јави во ПОЦ и да пријави дека сака да се ослободи од своето неупотребливо возило.

-Во рамките на акцијата „Да го исчистиме Центар од хаварисани возила“, досега се отстранети околу 40 возила и се дадени на отпад. Оваа акција е одлично прифатена од жителите на Општина Центар, редовно има пријави од граѓани што ги пријавуваат своите хаварисани возила, но и граѓани што пријавуваат хаварисани и напуштени возила за кои не се знае нивната сопственост – велат од ПОЦ.

Најголем проблем претставуваат возилата за кои не се знае сопственикот и кои ги пријавуваат други граѓани, затоа што според законските прописи, хаварисаните возила не можат да се уништат без претходно одобрение од сопственикот на возилото.

-Од таа причина, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ е принудено да ги складира хаварисаните возила во своето депо, кое е со ограничен капацитет и нема доволно простор да ги смести. Капацитетот на депото е доволен само за секојдневните потреби на службата „Пајак“. Со цел да го решиме овој проблем, отпочнавме постапка за барање нова локација на депо за хаварисани возила каде што ќе може да се сместат сите хаварисани возила што во моментов се наоѓаат на територијата на Општина Центар – објаснуваат од претпријатието.

Оттаму велат дека според нивната евиденција, на јавните површини во општината има околу 230 стари и нефункционални возила, па поради тоа акцијата продолжува и годинава.

-Апелираме до сопствениците на хаварисани возила да ги пријавуваат своите автомобили на 075 476 762 со цел да се ослободат паркинг-местата и јавните површини на територија на општината Центар што се зафатени од хаварисани и напуштени возила и приколки, кои претставуваат опасност за жителите и за животната средина – велат од ПОЦ.

Проблеми со ваквите автомобили оставени по паркиралиштата и на тротоарите има низ целиот град и досега не се најде никакво решение, иако граѓаните постојано бараат од локалните власти да преземат нешто, особено во оние населби каде што е навистина тешко да се најде слободно место за паркирање. Досега општините единствено оставаа предупредување до сопствениците сами да ги тргнат хаварисаните возила, но тоа не доведе до решение.

Општинските раководства се правдаат дека се немоќни затоа што законите не им овозможуваат целосна ингеренција за да можат да интервенираат, но проблем е и фактот дека во Скопје нема соодветна локација каде што можат да се носат ваквите автомобили.

Во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов се поведе иницијатива за меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и десетте скопски општини за отстранување напуштени, хаварисани и нерегистрирани возила од јавните површини. Се предлагаше „пајаците“ на ЈП „Градски паркинг“ да ги отстрануваат напуштените возила во сите општини, освен во Центар, и тие да се складираат на одредена локација во Драчево. Предлогот не помина на Советот, поради жестокото противење на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаа дека депонија од хаварисани возила ќе го наруши квалитетот на живот на жителите на Драчево и Батинци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот