Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Денарот е стабилен, а девизните резерви се на соодветното ниво, велат од „Стандард и пурс“

Денарот е стабилен, а девизните резерви се на соодветното ниво. Монетарната политика што ја води Народната банка, како и намалувањето на притисоците од увезените цени, придонесоа за забавување на инфлацијата, за која се очекува дека и понатаму ќе се намалува. Нефункционалните кредити во билансите на банките и натаму се на ниско ниво, додека адекватноста на капиталот во банкарскиот сектор е солидна и стабилна, оценува агенцијата за кредитен Рејтинг „Стандард и пурс“ во најновиот извештај во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава.

Во извештајот се наведуваат очекувањата на Агенцијата за понатамошно одржување на стабилноста на девизниот курс, и покрај предизвиците од надворешното окружување.

Воедно, истакнат е и растот на девизните резерви, коишто во јуни годинава изнесуваат 4,2 милијарди евра. Како фактори на растот се посочени и интервенциите на Народната банка на домашниот девизен пазар, како и користењето надворешни извори за финансирање на потребите на фискалната политика. Според очекувањата на „Стандард и Пурс“ девизните резерви и натаму се стабилни и ќе останат на потребното ниво.

– По достигнувањето на максимумот кон крајот на минатата година, инфлацијата постепено почна да забавува и во јуни се сведе на 9,3 проценти, наведува „Стандард и Пурс“. Се очекува дека овој тренд ќе продолжи, како резултат на намалувањето на увозните инфлациски притисоци и затегнувањето на монетарната политика од страна на Народната банка.

Во извештајот се увидуваат и тековните состојби во банкарскиот систем, со акцент на неговата сигурност и стабилност, што се согледува преку ниското ниво на нефункционалните кредити од само 2,8 проценти, како и солидната и стабилна стапка на адекватноста на капиталот на банките од 18 проценти. Воедно, се истакнуваат и мерките што Народната банка ги презеде заради поттикнување на штедењето во домашна валута и намалување на евроизацијата во финансискиот систем, преку промени на стапките на задолжителна резерва на банките.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот