
Дела од жени уметници од колекцијата на „Остен“ се изложени во галеријата „Остен“
Во галеријата „Остен“ на 29 мај, во 19 часот, ќе биде отворена изложба на 15 македонски жени уметници со кои „Остен“ има долгогодишна соработка. На изложбата се претставени слики, цртежи и видеа од колекцијата на „Остен“ од уметниците Анка Данаиловска, Евгенија Демниевска, Петра Јовановска, Мирјана Крстева Масетти, Росица Лазеска, Татјана Манева, Јана Манева Чупоска, Љубица Мешкова Солак, Касиопеја Наумоска, Јасминка Новковска, Марија Павловска, Ирена Паскали, Марија Светиева, Ана Темкова и Симонида Филипова Китановска.
Препорачано
Од „Остен“ доставија и куси биографии на учесничките (по азбучен ред според презимето) на изложбата.
Анка Данаиловска беше родена во 1972 година во Куманово. Во 1989 година завршила средно училиште за применета уметност, а во 1995 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје на графичкиот оддел во класата на професорот Димче Николов. Била член на ДЛУМ од 1997 година. Магистерски студии завршила во Софија на графичкиот оддел во класата на професорите Стојан Стојанов и Здравко Стојанов. Данаиловска почина во 2016 година.
Евгенија Демниевска е родена во 1946 година во Скопје. Дипломирала на Академијата во Белград. Од Белград Евгенија заминува на постдипломски студии во Јапонија, каде живеела пет години и каде се стекнува со диплома магистер по уметност и се запознава со источната филозофија. Еден период патувала и творела насекаде во светот, а во последниве три децении живее во Франција.
Петра Јовановска е родена во Јесеник, Чешка. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност, а реализирала над 30 самостојни и над 300 колективни изложби низ целиот свет. Носител е на многубројни признанија од ликовни учества во Јапонија, САД, Австрија, Македонија, Романија, Чешка, Франција и други.
Мирјана Крстева Масетти е родена во 1979 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Благоевград, Бугарија. Основач и член е на „Мултимедиа центар“ од Гевгелија и член на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија. Член е на ДЛУБ од 2014 година и член е на ДЛУМ од 2010 година.
Росица Лазеска е родена во 1956 година во Скопје. Дипломирала на Архитектонскиот и на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Нејзиниот опус се состои од графики и цртежи, а зад себе има бројни самостојни и групни изложби во земјава и во странство. Живее и работи во Скопје.
Татјана Манева е родена во 1978 година во Битола. Член е на ДЛУМ и на ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници Битола) на чиишто годишни и ревијални изложби е редовен учесник. Во 2004 година магистрира на отсекот графика на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Зад себе има повеќе групни и самостојни изложби.
Јана Манева Чупоска дипломира на одделот сликарство во 1996 година во класата на проф. Симон Шемов на ФЛУ. Специјалистички студии по сликарство и рачна обработка на стакло завршува на Високата школа за применета уметност во Прага. Во 2006 година станува магистар по уметност, а потоа и доктор од областа на етнологијата и дизајнот.
Љубица Мешкова Солак е родена во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност на отсек графика со конзервација и реставрација во Скопје. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ, ИКОМОС, почесен член на „Фемин арт – Трабзон“ во Турција, а во периодот 2014-2016 била претседател на ДЛУБ. Има реализирано повеќе самостојни изложби, како и над 200 групни изложби во изминатите 20 години.
Касиопеја Наумоска дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Таа зад себе има триесетина самостојни и повеќе од 120 групни и меѓународни изложби. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и добитничка на повеќе значајни награди и признанија.
Јасминка Новковска е родена во 1975 година во Скопје. Во 1998 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Магистрирала во 2003 година на Националната уметничка академија во Софија. Досега имала десетина самостојни изложби во Скопје, Софија, Њујорк, Берлин, а учествувала и на бројни групни изложби.
Марија Павловска е родена во Скопје, Република Македонија, во 1975 година. Завршува Факултет за ликовна уметност во Скопје, каде подоцна и магистрира. Докторските студии ги завршува на Универзитетот „Евро Балкан“, Студии на културата, Институт за социјални и хуманистички истражувања, Скопје. Била учесник на осум меѓународни престижни уметнички резиденции. Живее помеѓу Скопје и Њујорк.
Ирена Паскали живее и работи во Келн, Германија. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а магистрирала на Академијата за медијални уметности во Келн, Германија. Таа има реализирано бројни самостојни изложби. Добитничка е на интернационални резиденции и стипендии, како и мноштво награди (во Јужна Кореја, Германија, Албанија). Работи во повеќе уметнички медиуми, како видео, фотографија, цртеж и експериментален филм.
Марија Светиева е магистер по ликовна уметност. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност на Катедрата за графика и графички дизајн во 1987 година. Истата година станала членка на Македонската асоцијација на сликари. Во 1991 година станала членка на Меѓународната асоцијација на графички уметници во Рим и Меѓународната асоцијација на новинари во Рим.
Ана Темкова е родена во 1943 година во Кавадарци. Дипломирала на Академијата за ликовни уметности во Белград, специјализирала мозаик во Равена, Италија. Член е на ДЛУМ од 1967 година. Имала студиски патувања во Франција, СССР, Италија, Грција, Шпанија, Бугарија, Холандија и Турција.
Симонида Филипова Китановска е активна професионална уметница, чија уметничка кариера бележи многубројни домашни и меѓународни награди и претставувања на самостојни и на групни изложби. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Последниве години нејзиното творештво е во техниката акварел.