
Дела од летната школа за современиот звучен пејзаж ќе бидат претставени во галеријата на ФЛУ
Во Галеријата ФЛУ на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, на 5 март (среда), со почеток во 19:30 часот, ќе биде отворена изложба на дела на учесниците на последната сесија на летната школа насловена како „Обмислување на современиот звучен пејзаж: Експериментални практики во визуелниот контекст“.
Препорачано
На изложбата учествуваат Ана Димитриевска, Јана Бутеска, Калин Маловски, Павел Николов, Вилијам Стојановски, Стефанија Цветановска, Доротеј Нешовски, Ангела Георгиевска и Мартина Спасовска.
Основната цел на школата беше лоцирање и истражување низ алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен контекст различен од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Оваа сесија на летната школа се осврнува кон звукот како платформа за креативно конципирање и интерпретација на интердисциплинарно уметничко дело.
Одржувањето на Летната школа во рурална планинска средина беше во согласност со потребите на сесијата, којашто за почеток имаше одново запознавање со тишината. Имено, последица на живеењето и работењето во современата урбана средина доведува до промена на човековите референци за тивко и тишина, поими и феномени коишто треба да ги редефинираме за да, меѓу другото, разбереме и колкаво е „звучното загадување“ за коешто сме помалку или повеќе несвесни.
Со запознавањето на некои воведни поими и содржини од психоакустиката, со цел за подобро разбирање на човековата перцепција на звучната околина, како и на одредени поими од физиката на звукот, учесниците се запознаа со поимот „шум“ и спектрален состав (боја, карактер) на звукот/шумот со цел за посоодветно и попрецизно дефинирање на различните форми на шумови коишто нѐ опкружуваат во секојдневието и значењето на истите во нашето (акустичко) разбирање на околината и нашето функционирање во истата.
Учесниците имаа можност да се запознаат, теориски и практично, со начинот на работа на уредите за снимање на звук, пред сѐ, на микрофоните и нивната употреба за соодветно доловување на просторот околу нас, како и со основни техники на обработка, миксање и монтирање на звук/шум во соодветно софтверско решение. Со ова, учесниците се подготвија да размислуваат за звукот и звучните феномени како на елементи коишто може да ги употребат во/за создавање на звучни слики и амбиентални звучни пејзажи како самостојни уметнички дела, но и комплексни уметнички инсталации во кои звукот игра значајна улога. Сесијата беше одржана во населено место Лазарополе (Општина Маврово и Ростуше), известија од Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје.