
Дефектот на мрежата во Карпош 1 уште не е саниран: Половина од семејствата се стоплија, половина веќе осми ден смрзнуваат без парно
Од ЕСМ информираа дека „како резултат на вложените напори на ЕСМ Дистрибуција на топлина, кај дел од потрошувачите на улиците Орце Николов и Мирка Гинова е воспоставена нормална испорака на топлинска енергија“.
По речиси една недела без греење, во дел од домовите кои од минатиот петок се исклучени од системот за топлинска енергија во населбата Карпош 1 од вчера се стоплија радијаторите. Од ЕСМ информираа дека „како резултат на вложените напори на ЕСМ Дистрибуција на топлина, кај дел од потрошувачите на улиците „Орце Николов“ и „Мирка Гинова“ е воспоставена нормална испорака на топлинска енергија“.
Препорачано
Како што е веќе објавивме, 12 куќи на овие две улици и многу повеќе семејства шест дена мрзнеа во студените домови, поради дефект на топлинската мрежа која поминува на имотот на еден од соседите, чија куќа исто така останала без греење. Но, од неразбирливи причини за јавноста тој сѐ уште не ги пушта екипите на ЕСМ да влезат и да утврдат за каков точно дефект станува збор и да го санираат.
Од ЕСМ соопштија дека ќе ги употребат сите правни средства за да најдат решение за ситуацијата, но со оглед на тоа дека сѐ уште шест куќи се без парно, меѓу кои и онаа на Мирка Гинова број 11, каде се појавил дефектот, очигледно е дека правно решение не е најдено.
На кој начин успеале екипите на ЕСМ да обезбедат греење за дел од објектите, оттаму не информираа.
Во однос на отпорот на сопственикот да ги пушти да работат во неговиот имот, неофицијално објаснување даваат неговите соседи, кои од друга страна се крајно револтирани што тие без нивна вина со денови се без греење и бараат ЕСМ итно да најде начин да им обезбеди греење.
Колку што ми е познато порано имало сличен дефект на мрежата во неговиот двор. Екипите дошле, санирале и не го вратиле просторот во првобитната состојба, па затоа сега не ги пуштал – вели еден од засегнатите станари.
Од ЕСМ ниту го потврдуваат ниту го негираат ваквото објаснување, како причина зошто не им дозволен влез на неговиот имот.
Во моментов без парно се објектите на улицата „Орце Николов“ број 168, 170 и број 172, како и на улицата „Мирка Гинова“ број 11, 13 и 15.
Во информацијата за сегашната состојба со греењето од ЕСМ уште еднаш објаснуваат дека поради дефект на топловодната дистрибутивна мрежа, која поминува низ имот на улица „Мирка Гиновa“ број 11, за кој на операторот на системот за дистрибуција му е оневозможен пристап за санирање од страна на сопствениците на имотот, испораката на топлинска енергија беше прекината кај сите потрошувачи на тој потег.
Испораката ќе биде прекината сѐ додека на операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија не му биде овозможен пристап за санирање на дефектот. И понатаму ќе се продолжи со преземање на сите средства за решавање на настанатата ситуација и што поскоро обезбедување на стабилно и сигурно снабдување со топлинска енергија за сите потрошувачи на овој потег – велат оттаму.