Дебата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“/Фото: Слободен печат

Дебата за јавната администрација: Дигитализација заради рационализација, а плати според „чергата“!?

Јавна администрација по мерка на граѓаните кои се корисници на услугите, транспарентна и отчетна, задоволна од платите, но и продуктивна, која ќе испорачува резултати и ќе биде одговорна за трошењето на јавните пари се таргетите на јавната дебата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која треба да ги искристализира трите закони кои Министерството за јавна администрација ги повлече од собраниска процедура за да го чуе мислењето на сите засегнати страни: синдикатите, експертите, невладиниот сектор, министерствата и институциите на државно и локално ниво. Целта е квалитетна јавна администрација базирана на добри законски решенија.

– Сакаме овој процес да биде инклузивен со вклученост на сите засегнати страни. Се надеваме дека оваа кампања ќе продуцира системски решенија кои ќе бидат квалитетни и применливи затоа што тоа е првиот услов за да одиме кон вториот чекор, а тоа е добро едуцирана, обучена и системски поставена јавна администрација – рече министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Неговиот колега од Министерството за дигитална трансформација, ја нагласи дигитализација во јавниот сектор како неопходен процес што ќе ги реши проблемите со кои сега се соочуваат граѓаните на шалтерите и институциите во меѓусебната комуникација, а ќе помогне за сузбивање на корупцијата и за рационално трошење на буџетските средства.

– Потребна е дигитализација на услугите, интероперабилност на институциите бидејќи нема комуникација меѓу, на пример Бирото за јавни набавки со УЈП, со царина, со Управата за финансиско разузнавање итн., а со тоа се зголемуваат ризиците од корупција, а потребен е и единствен систем за управување со документите како и градење на единствен регистар за внатрешно поврзување на институциите и брзо добивање на информациите. Така администрацијата ќе биде поефикасна. Во моментов се соочуваме со еден парадокс, имаме дигитални услуги, а немаме доволно дигитална писменост на вработените и на граѓаните. Информатиката не се изучува доволно во образовниот систем, а очекуваме дигитално писмено население – рече министерот Стефан Андоновски.

Синдикатите не отстапуваат од покачувањето на платите во администрацијата

Вицепремиерот за политики и добро владеење Арбен Фетаи на почетокот на дебатата ја нагласи потребата од подобрувањето на животниот стандард на граѓаните и на вработените во јавната администрација, како и неопходноста од транспарентност и отчетност.

Реформите во јавната администрација треба да одат во насока на департизација и синдикатите очекуваат договореното покачување на платите да се случи од идната година во наредните 4 години, без никакви изговори од страна на новата Влада.

– Фискалната дисциплина и рационализацијата на трошоците, како и операционализацијата на јавната администрација ќе придонесе за квалитет во работењето и продуктивност. Министерството за финансии кое дава согласност за вработувањата во јавниот сектор се залага за поголема контрола во вработувањата во јавната администрација, контрола на квалитетот на кадрите и начинот на наградување на вработените. Воедно со синдикатите ќе преговараме за разумно зголемување на платите во рамки на буџетските можности, зашто паралелно треба да преземеме мерки за намалување на инфлацијата и растот на цените – рече Николче Јанкулоски, заменик министер за финансии.

– Како министерство за економија и труд со посебен сензибилитет пристапуваме кон работните односи и подобрувањето на платите во јавниот и приватниот сектор. Платите се регулираат со закон, правилници и колективни договори. Кај некои со бодови, а некаде со коефициенти на сложеност, па се појавија различни плати во исти сектори, па неопходно е доуредување со колективните договори, бидејќи вработени од иста група или погрупа на работни места земаат различни плати во различни министерства или пак и во самите институции и тоа мора да се регулира – рече заменик министерот Ристески.

Тој нагласи дека е потребно да се направи воедначена и правична пресметка на платите за сите вработени во ист сектор, но со рационално трошење на буџетските средства, согласно народната „да си ги пуштиме нозете колку што ни е чергата“.

– Ние како претставници на вработените во јавниот сектор сме тука да ги слушнеме заложбите на владата и нивните идеи за реформа во јавниот сектор. Реформата пред сè мора да значи дефактура… Очекуваме усогласување на платите од септември оваа година и дополнително зголемување на платите идната година кое ќе се случи согласно потпишаниот општ колективен договор за јавен сектор. Платите во јавниот сектор наредните 4 години ќе растат по 15% годишно и новата влада треба да предвиди пари во буџетот, да немаат изговори, ние работниците сме изморени од слушањето изговори и очекуваме да го кажат денеска токму тоа, зајакнување на капацитетите, престанување на злоупотребите на вработените во јавниот сектор, департизација на јавниот сектор, да не вработуваат партиски кадри во наредниот период и да ја зголемуваат јавната администрација, а ние како синдикат сме подготвени во овој процес. Нашата поддршка ќе ја имаат доколку го спроведат ова, во спротивно ние сме подготвени на други непопуларни чекори – рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

– Со синдикатите ќе имаме можности да разговараме, ние да нудиме наши решенија, тие свои и ако го отвориме овој дијалог, целта е да најдеме некое заедничко решение. Владата и ова министерство се залага за комплетна департизација на јавната администрација и јавниот сектор така што измените во овие законски решенија ќе бидат во таа насока. Ако избегаме од тој процес на партизација на јавната администрација ќе одиме кон вториот чекор што следи, а тоа е  ефикасен систем кој ќе овозможи добра услуга на граѓаните – рече министерот Минчев.

Денешната прва дебата по предлог Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници Министерството за јавна администрација ја спроведе во партнерство со Центарот за управување со промени (ЦУП) и Британската амбасада во Скопје. Целта е во рок од стотина дена, кон крајот на септември или почетокот на октомври да се вратат во собраниска процедура. Следната дебата е со локалните самоуправи.

Минчев: Дојдено е време во администрација да се вработуваат луѓе со знаење и квалитет, балансерот е завршена тема

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот