
Дебата на кандидатите за претседател на ПАСОК: Односите со Турција и со Северна Македонија во фокусот
Шестмина кандидати за лидер на грчката опозициска партија ПАСОК јавно дебатираа пред првиот круг од внатрепартиските избори кои ќе се одржат на 6 октомври, а во фокусот беше курсот на надворешната политика на партијата, односно грчко-турските односи, проблемот со Македонија и Европската Унија.
Препорачано
На прашањата како треба да реагира Грција во однос на тоа што власта во Северна Македонија ги крши аспектите од договорот од Преспа, и македонскиот премиер својата земја ја нарекува „Македонија“ и дали ПАСОК не го поддржа Договорот од Преспа и што владата на Мицотакис во Парламентот не ги ратификува меморандумите предвидени со Договорот, кандидатката за претседател на ПАСОК, поранешната министерка и еврокомесар Ана Дијамантопулу одговори:
„Прво, овој Договор имаше многу сериозни проблеми. Јас лично напишав и објаснив зошто ќе имаме проблеми во иднина, како што ги имаме и сега. Но, кога е склучен договор и тој има транснационални карактеристики, многу е тешко и за нас како и за другата земја да се повлечеме. Во Северна Македонија во моментов гледате дека нејзиниот премиер постојано прави отстапки и верувам дека ги имаме сите средства во наши раце да ги чуваме барем основните елементи што ги имаше овој договор“.
Кандидатите за претседател на ПАСОК остануваат на партискиот став изразен претходно дека дијалогот со Анкара мора да продолжи и да се стигне до Меѓународниот суд во Хаг за спорните територијални прашања со Турција и посебно кипарското прашање.
„Ставот на Грција е многу јасен дека за што и да преговараме и за што и да било дискутирано, каква било жалба мора да се поднесе преку Хашкиот суд. Надвор од тоа, има многу прашања во дијалогот со Турција кои можат да изградат меѓусебна доверба. Реков и верувам дека Грција победува затоа што е фактор на стабилност во регионот. Тоа е земја со силна армија, силна дипломатија и економија која полека закрепнува по големата криза. Има способност да игра улога на стабилизирачки агенс. Нашата улога секогаш мора да биде со меѓународното право и сè што правиме мора да биде направено со притискање на Турција да ги прифати нашите услови“, рече Павлос Геруланос.
Кандидатот за претседател на ПАСОК Михалис Катринис го коментираше евроинтегративниот процес на Албанија и на Македонија и нивните блиски врски со Турција.
„ПАСОК мора да го брани својот патриотски карактер. ПАСОК мора уште еднаш да ги повлече црвените линии на националната надворешна политика која беше усвоена од 1974 година до денес и беше прифатена од Андреас Папандреу и Константинос Караманлис и од сите постколонијални премиери. За жал, последните 5 години на господинот Мицотакис се чини дека се сиви. Тој се сретна со Ердоган по неговата запалива изјава во ОН со барање за признавање на псевдодржавата Кипар. Го посетив Кипар и реков дека одбранбената доктрина на Грција во однос на Кипар треба да се ажурира и секако кипарското прашање е прашање на меѓународно право и тоа не е билатерално прашање. Ние како држава и како ПАСОК тоа никогаш не смееме да го заборавиме. Албанија и државата Скопје се сателити на Турција. Јасно е дека има блиска врска и вршат притисок врз грчката влада. Тука владата нема јасни линии и ова е многу загрижувачко за целата земја“, рече Катринис и нагласи дека Грција треба да го користи ветото како оружје против видлива закана.
Во дебатата на грчката државна телевизија учестуваа и актуелниот претседател на ПАСОК Никос Андрулакис, Надја Ѕанакопулу и Харис Дукас кој од почетокот на годинава е градоначалник на Атина.
Сите шестмина кандидати на крајот од телевизиската дебата нагласија дека на следните избори во Грција ПАСОК ќе победи, но само ако биде и остане обединет. Кандидатите проценуваат дека Нова демократија е во пад и дека СИРИЗА се распаѓа, додека ПАСОК е мала, но организирана партија.