
Дебарско езеро доби концесионер
Спортското риболовно друштво „Трофта“ ќе управува со рибниот фонд наредните 12 години
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, врз основа на Законот за рибарство и аквакултура, како најповолна понуда за концесија на риболовно подрачје „Шпилје“ (Дебарско Езеро) ја избра онаа на спортското риболовно друштво „Трофта“ (пастрмка) од Дебар. Концесијата е за 12 години, а висината на надоместокот изнесува 11 отсто од надоместокот кој ќе се наплати за вкупно издадените дозволи на годишно ниво за целиот период на користење.
Препорачано
Дебарско Езеро без концесионер беше повеќе години а на доброволна основа за заштита на рибниот фонд се грижеше друштвото „Трофта“ во соработка со дебарското одделение за внатрешни работи.
– Оваа концесија е важен чекор во промовирањето на рекреативниот риболов како одржлива и одговорна дејност, обезбедувајќи го развојот на регионот и заштитата на биолошката разновидност на нашето познато езеро. Голема благодарност кон сите што не поддржаа да ја постигнеме оваа цел. Сметаме дека како локално друштво и граѓани на ова подрачје со голема совест и одговорност ќе го чуваме ова наше богатство – рече за МИА, Бели Халити, претседател на друштвото.
Според него концесијата е можност да обезбеди одлично искуство за рибарите и посетителите при тоа водејќи сметка за зачувување и заштита на природните ресурси.
Посветени сме, посочи Халити, да обезбедиме одржливо и ефикасно управување, придонесувајќи за економскиот и туристичкиот развој на областа, промовирајќи здрава рамнотежа помеѓу спортските активности и заштитата на животната средина.
Дебарско Езеро е познато по богатата флора и фауна, а дава и идеални услови и за водни спортови.