Борче Давитковски - Универзитетски професор - Фото - Слободен печат / Методи Здравев
Борче Давитковски - Универзитетски професор - Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Давитковски: Кога поглавици одлучуваат, нема ништо од правилна територијална поделба, добро е да се оди на референдум

Мора сериозно да се разгледа, но ако за територијалната поделба одлучуваат лидерите на партиите, од тоа нема ништо да биде. Јас предлагам референдум на ниво на држава, да ја видиме политичко-територијалната поделба, дали овој број на општини ѝ одговара на Македонија, дали може да се алиментираат или не. Нека кажат граѓаните за политичарите да не се пазарат, вели професорот Борче Давитковски.

Граѓаните на референдум на ниво на државата да се изјаснат дали сакаат нова територијална поделба на општините, дали актуелната организација од 80 општини и Град Скопје ѝ одговара на Македонија за да нема политички пазарења при новата територијална кројка. Ова е предлогот на универзитетскиот професор Борче Давитковски во разговор за „Слободен печат“, откако премиерот Христијан Мицкоски изрази подготвеност да се разговара на темата. Според Давитковски, општините во Македонија немаат капацитет да ги алиментираат услугите за граѓаните.

– Време е да се направи сериозна анализа, да се земат економските параметри, да се види колку општината може да прима и колку троши пари и врз основа на тоа да се димензионира бројот на новите општини. Знам дека тоа е ѓаволски тешка работа и дека ќе има политички проблеми. Да бидеме искрени, еве, со одлуката на Владата за бројот на советници во советите, според податоците од последниот попис, се наведе во колку општини се намалил бројот на советници. Мора сериозно да се разгледа, но ако за територијалната поделба одлучуваат овие наши поглавици – лидерите на партиите – од тоа нема ништо да биде. Но ако се излезе со аргументи, јас дури предлагам референдум на ниво на држава. Дај да ја видиме политичко-територијалната поделба, односно дали овој број на општини ѝ одговара на Македонија, дали може да се алиментираат или не. Еве, граѓаните нека кажат за политичарите да не се пазарат – дали таа и таа општина ќе остане, дали во неа се мнозинство Македонци или Албанци – вели Давитковски.

Тој додава дека државата масовно се празни, особено источниот дел од Македонија и дека не треба и натаму вештачки да опстојуваат некои општини, дека во тие општини е неодржливо да опстане општинската администрација.

– Последната поделба на 80 општини плус Град Скопје мислам дека е погрешна. Претходно имаше 123 општини. Мислам дека општините во Македонија немаат капацитет да ги алиментираат новите функции. Во 1995 година, со првиот Закон за локална самоуправа, имаа одредени надлежности, но веќе во 2002 година им дадовме големи надлежности, а ефективни средства не им обезбедивме. Секогаш има судир помеѓу локалната и централната власт. Општините не можат да живеат од комуналии и од данокот на имот, бидејќи само во Скопје се плаќа данок на имот, друг никој не плаќа. Има општини, на пример, како Арачиново и други, каде што со години никој не плаќа данок. Според мене, ако сакаме вистинска децентрализација, треба да има зафаќање од ДДВ и дел да оди за општините. Но, да се разбереме, ниедна централна власт тоа нема да го дозволи. Со ДДВ од 18 отсто никој нема да го дозволи тоа. Да е како во Хрватска и Србија – 24 отсто, тогаш можеби ќе има и за општините, а вака не – вели Давитковски.

Професорот смета дека Македонија најдобро функционирала со територијалната поделба кога имала 34 општини, зашто сите тие општини имаат инфраструктура и дека и денеска тие општини живеат.

– Но откако се формираа урбани и рурални општини, како и вештачки општини од политички причини, сето тоа оди на штета на давање на услуги од страна на општините наспроти граѓаните. Треба да се видат и економските и други аспекти, но, сепак, според, мене најдобра е старата поделба на 34 општини и Градот Скопје, каде што поголеми општини – со инфраструктура, со општински згради, со општинска администрација – можат да им даваат услуги на граѓаните. Вака, прво владата на Зоран Заев даде 50 милиони евра помош, сега оваа Влада даде 250 милиони евра. Тоа не е локална самоуправа, туку централната власт алиментира активности на локалната самоуправа. Кога и да е, тоа ќе се одрази, зашто парите ги даваме во бунар – вели Давитковски.

Според него, сега секоја општина во кампања ветува формирање јавно претпријатие, се зголемува администрацијата, а неа некој треба да ја плаќа. Професорот прашува – како ќе се алиментираат тие, кога јавниот сектор отприлика должи 670 милиони евра, а најголем дел отпаѓа на општинските јавни претпријатија, на градските, што значи нема развојна компонента.

– Ако од седум милијарди буџет 800 милиони одат за плати, а 670 – за алиментирање, значи речиси две милијарди одат – во стомак, а дел за покривање расходи на локалната самоуправа, за локалните претпријатија. Не сме толку богата држава за така да се однесуваме. Во Англија – да, таму може да има најмала парохија од 100 жители, но тие имаат изворни приходи, развиени се. Кај нас, во рурална општина сакаат свое јавно претпријатие, општинска администрација, примаат партиски луѓе и, нормално, тоа не може да го издржи ниеден општински буџет – вели професорот.

Премиерот во интервју за „360 степени“ рече дека е подготвен да седне и да разговара за нова територијална организација, бидејќи сите политички прашања се затворени.

-Ако тоа е така, ајде сега, да биде подобро за граѓаните, да се свртиме кон граѓаните, да почнеме за нив да размислуваме. Еве, да ја оставиме политиката настрана, да го оставиме етноцентрализмот настрана, да се фокусираме кон граѓанинот. Дали на граѓанинот му е потребна оваа територијална поделба или можеби со групирање, присоединување, додавање, одземање… Некоја поинаква територијална распределба во државата е потребна. Јас апсолутно сум подготвен на таа дебата бидејќи, тврдам, врз основа на нашите анализи, ако одиме со таков тип фискална децентрализација, неколку добри општини ќе бидат уште подобри, а сите други ќе бидат само послаби – вели Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот