foto: Слободен печат / Драган Митрески

Даночната политика во наредните четири години скроена по теркот „и волкот сит и овците на број“

Според Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе биде меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и за граѓаните. Ќе остане рамниот данок, а ќе има и низа даночни олеснувања. Како тогаш ќе се полни Буџетот?

Од една страна да бидеме земја со ниски даноци за граѓаните и за фирмите, но од друга страна да се зајакне борбата против сивата економија и против кривичните дела што ја оштетуваат државната каса – е формулата во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ со која и волкот треба да биде сит и овците на број. Но, колку ќе се успее со многубројните даночни олеснувања што се предвидуваат и колку реално на терен ќе се намали сивата економија е прашање чиј одговор многу загрижува, затоа што потфрлувањето од зацртаното би значело „тенка“ државна каса.

ВМРО-ДПНЕ останува на рамниот данок, а воведува повеќе нови даночни олеснувања.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди Македонија да биде меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и за граѓаните. Тоа ќе го постигнеме на следниов начин: ќе го задржиме рамниот данок; данокот на личен доход од 10% нема да се зголемува; даночно ослободување кај данок на личен доход ќе има за нововработени млади лица до 29 години, со цел задржување на младите во економијата; даночни олеснувања во рамките на данокот на личен доход за фриленсери; подигнување на прагот за регистрација на ДДВ од два на три милиони денари за консолидиран промет на сопственички поврзани обврзници; ќе направиме целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче; данокот на добивка останува со стапка од 10%; реинвестираната добивка и натаму нема да се оданочува; за привлекување мултинационални компании што имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра, ефективната стапка на данокот на добивка ќе биде 5%; враќање на даночните поволности на фирмите (признат расход) за уплатените премии за доброволно животно осигурување со цел задржување и мотивација на вработените“, пишува во Платформата #1198, која треба да биде основен документ по кој ќе работи новата влада.

Нови и стари даночни олеснувања

Поранешниот министер за финансии Трајко Славески, кој е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека и сега функционираат дел од овие даночни олеснувања и дека рамниот данок што го воведе ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година, се покажа како добро решение во практика.

– Некои од ослободувањата и сега функционираат, како што е неоданочување на реинвестирана добивка, даночно ослободување за млади до 29 години во одреден период. Поврат на личен доход за новороденче е една демографска мерка. Во однос на оданочувањето со 5 проценти место со 10 проценти на добивката на мултинационални компании што имаат добивка над 50 милиони евра, ние и онака сега немаме приходи од такви мултинационални компании, па се очекува да бидат привлечени од една таква мерка. Сега не може да се процени фискалниот ефект, тоа е нешто што се очекува – вели Славески и оценува дека во наредниот период ќе имаме одржлива даночна политика во однос на полнењето на буџетската каса.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека, за жал, ни СДСМ не успеа да спроведе прогресивен данок. За себе, тој вели дека и понатаму е голем поборник на ваквото оданочување и смета дека даночната политика што ја најавува ВМРО-ДПМНЕ оди во погрешна насока.

– Ние сме закопани со рамниот данок што се покажа како крајно неефикасен. Јас и понатаму тврдам дека треба да се воведе прогресивен данок, особено на луксуз и екстра профит. Кај данокот на личен доход треба да има многу промени затоа што ние сме сè повеќе раслоено општество и имаме сè помалку пари за јавни расходи затоа што буџетските пари не се трошат таму каде што треба – вели Узунов.

Узунов нагласува и дека ниски даноци по автоматизам не водат кон развој, туку напротив водат кон социјално раслојување, така што многу мал број луѓе се многу богати, многу малку има среден слој, а другите се сиромашни.

– Ние постојано зборуваме дека сакаме во ЕУ, ама не си ги спроведуваме реформите дома – посочува професорот.

Или борба со сива економија или големо задолжување

 

Даночниот експерт Павле Гацов вели дека едно е што пишува во Програмата, но друго е што ќе ни се случува во практика.

– Кога ќе го видат ефектот од прибирањето на приходите и од трошењето на парите од Буџетот, ако не се пуштат во костец со сивата економија, тешко ќе спроведат ваква даночна политика без нови задолжувања, а мислам дека и ВМРО-ДПМНЕ не го сака тоа. Иако стартува со онаа бомбастична најава дека ќе се задолжат со една милијарда евра, треба да се земе предвид дека тоа ќе има политичка цена, а во најмала рака економската камата ќе стигне како реалност. За да се исполни тоа што пишува во Програмата, треба да постои вистински пристап, односно да се обезбедат пари од таму каде што не се зафаќало. Во Програмата се зборува и за борбата со сивата економија, но кога ќе се етаблираат со тимови и екипи, тогаш ќе разбереме дали се сериозни или не – вели Гацов.

Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, во предизборието посочи дека е јасно оти сивата економија нема да успеат да ја сведат на нула, но според пресметките, ако таа се намали од сегашните 34 проценти на 20 проценти, за една година ќе се обезбедат дополнителни 742 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!