Амблеми МВР Фото: Фејсбух Артан Груби

Дали ребрендираните нови униформи ќе бидат двојазични?

Тој закон е донесен во 2018 година. ДУИ имаше можност во минатото да покажат негова имплементација. Чекорите што ги преземаме од наша страна во целост се во согласност со законот и со важечките правилници, рече министерот Тошковски

Демократската унија за интеграција (ДУИ), во ек на предизборна кампања за да спечали политички поени, се наврати на употребата на албанскиот јазик и праша дали при ребрендирањето на полицијата со нови униформи се водело сметка за двојазничноста како што пропишува Законот за употреба на јазиците. Партијата на Али Ахмети обвини дека МВР распишало тендер, според кој на амблемите на униформите ќе пишува само на македонски јазик.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја прозва ДУИ дека законот е донесен додека тие биле на власт со СДСМ. Еден од лидерите на Вреди, Билал Касами, пак, изјави дека се надева оти и на новите полициски униформи ќе се почитува Законот за употреба на албанскиот јазик.

– Тој закон е донесен во 2018 година. ДУИ имаше можност во минатото да покажат негова имплементација. Чекорите што ги преземаме од наша страна во целост се во согласност со законот и со важечките правилници. Повторувам, овој Правилник е донесен во времето кога власт беа СДСМ и ДУИ – рече Тошковски.

Касами, пак, е уверен дека новите полициски униформи ќе бидат и на албански јазик.

– Во комуникација сме со Министерството за внатрешни работи. Она што можеме да го гарантираме е дека и во овој случај законот ќе се почитува, односно таму каде што Законот за употреба на јазиците тоа го налага униформите мора да бидат на албански јазик, тие сигурно ќе бидат на албански јазик – дециден е Касами.

ДУИ побара повлекување на тендерот за набавка на нови униформи за полициските службеници, што го објави МВР, бидејќи според партијата со него се предвидува натписите и симболите на униформите да бидат само на македонски јазик.

– Еднојазичните униформи не се само облека. Тие се симбол на идентитетот на државата, на еднаквоста и на почитта. Кога законот бара двојазичност, а Владата наметнува еднојазичност, тоа е доказ за изгубениот политички суверенитет на албанските партии кои денес се огледало на интересите на ВМРО-ДПМНЕ – реагира ДУИ.

Според партијата на Ахмети, ова не е изолиран случај, туку континуитет на дискриминаторската политика на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што велат, ја иницирало постапката во Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. За ДУИ уште поскандалозно е молчењето на албанските партии на власт, кои, според ДУИ, прифатиле да бидат вазали на антиалбанските политики газејќи ги достоинството и правата на Албанците за ниски политички интереси.
Од ДУИ порачуваат дека Албанците во земјава нема да прифатат, како што велат, вакви понижувања, бидејќи, според нив, законот е јасен.

– Во општините каде што Албанците се најмалку 20 отсто, секоја државна институција е обврзана да ги користи службените јазици, вклучувајќи ги униформите и јавната комуникација. Бараме итно повлекување на оваа дискриминаторска одлука, заменување на полициските униформи со двојазични натписи, во согласност со законот, и јавно извинување од албанските партии на власт што го одобрија овој срам. Еднаквоста не е луксуз, таа е законска, морална и национална обврска. ДУИ не прифаќа компромис со достоинството. Албанците жртвуваа за еднаквост, а оваа срамна одлука ќе биде поништена – велат од ДУИ.

Тендерот што МВР го објави во минатата недела предвидува набавка на виндјакни, теренски униформи, чевли и чизми за полициските службеници. Од МВР соопштија дека со тоа македонската полиција ќе се ребрендира, бидејќи старите, непрактични и нефункционални униформи, ќе бидат заменети со модерни и квалитетни, по терк на европските полиции.
Огласот ќе трае еден месец, а јавното отворање на понудите ќе се одржи на 20 октомври во 10 часот во МВР.
Во март 2022 година, тогашниот прв вицепремиер, сега бегалец од правдата Артан Груби, на својот фејсбук-профил се пофали дека Владата донела одлука на униформите на припадниците на МВР во иднина покрај македонскиот, да стои и натпис на албански јазик.
Една година подоцна Груби преку социјалните мрежи се пофали дека во пракса се спроведуваат измените од Уредбата на албанскиот јазик за полициските униформи и нивните симболи кои се и на албански јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот